Дали граѓаните во Македонија ангажираат куќни помошници?
За чистење на домот, но и за чувaње на мали деца, па и за перење или за пеглање. Дел од граѓаните кои имаат поголеми месечни приходи ангажираат и куќни помошници за помош во домот. Практиката станува сè почеста, особено затоа што голем дел од помладите имаат многу работни обврски. Цената зависи од договорот, но ретко кога помошниците за пријавени, што е проблем плус. Помошниците кои ги чистат куќите наплатуваат по час или фиксно од ден. Најчесто еден час чистење чини сто денари или за услугата се наплатува по 1.000 денари дневно. Тие што плаќаат велат дека не им е голем трошок, од друга страна помошниците тврдат дека работата е тешка, иако не се жалат многу од заработката.
„Два пати годишно правам генералка, што би се рекло народски од под до плафон чистење, а месечно 3-4 пати плаќам жена за одржување. Причината е тоа што порано со мајка ми го правевме истото и викавме плус жена да ни помогне, но сега сум сама со дете и не можам да постигнам. Јас работам во Швајцарија, и зошто некој да не земе пари овде во мојата држава, поточно во мојот град. Платив 50 евра за два дена за чистење. На Запад оваа иста работа ја работат, но многу се посериозни. Имам близок пријател кој има фирма за одржување на згради и затоа знам. Јас сум свесна дека работата не е лесна, но ако се нафатите треба да се сработи како што се бара. Жената која кај мене чисти, ја препорачав на уште 40-45 луѓе, тие ја контактирале и со нив закажала термин, за што ми е мило“- вели Маријана Аневска од Куманово.
Наташа Стојановска од истиот град е со високо образование, но бидејќи не е редовно вработена чисти по куќи. Вели дека работата не е лесна, а во последно време обемот на работа го намалила.
„Порано работев повеќе, а сега работам, но не толку редовно. Дневницата е 1000 денари, но оваа работа не е лесна. Прво ние не сме пријавени. Кој мене ми гарантира дека по завршена работа ќе ги добијам парите? Затоа одам преку препораки да работам. Друго, се работи постојано со хемиски средства, што влијае на здравјето, на дишни патишта. Од оваа работа може да се извади плата, но малтретирање е, сепак има куќи со по два – три ката, секакви карактери на луѓе и по неколку часа работа веќе човек се заморува, но се трудам да ја завршам добро работата за да друг пат повторно ме викнат“- објаснува Стојановска.
Од агенциите за посредување при вработување велат дека за ваков ангажман поретко има огласи за вработување и работата најчесто се договара преку лични контакти. Дури и кога има објавени огласи, тие најчесто се за работа во Скопје.
Сања Атанасовска
