Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали граѓаните учат втор или трет странски јазик за полесно наоѓање работа?

Дали граѓаните учат втор или трет странски јазик за полесно наоѓање работа?

Познавањето на странски јазици ги зголемува шансите за наоѓање на подобро работно место, особено во време кога може да се работи онлајн или да се замине во странство.

Во училиштата за странски јазици имаат различни искуства. Дел од нив сметаат дека младите се мотивирани за изучување на повеќе странски јазици, а други велат дека тинејџерите наместо да седат со мобилните телефони во рацете, можат продуктивно да го искористат времето и да учат.

Од училиштето за странски јазици „Интервиза“ од Скопје велат дека поретко се случува луѓето да учат втор или трет јазик, иако тоа носи поволности.

„Најчесто учат германски и англиски јазик. Добро е освен англиски, да совладаат германски или француски јазик затоа што тие се меѓу неколкуте светски јазици. Порано луѓето од мерак учеа одреден странски јазик, но сега немаат пари за тоа. На пример учеа италијански јазик затоа што им се допаѓаше, учеа шпански поради сериите или грчки јазик затоа што одат на летување таму“, велат од „Интервиза“.

Весна Вулагаракис, професорка по англиски јазик објаснува дека пред пандемијата, имала ученици кои учеле по два странски јазика и тоа го оценува како позитивно.

„Имаше деца кои учеа англиски, германски, италијански пред короната. Меѓу нив имаше и средношколци. Секако дека едно CV делува поубаво ако е наведено познавање на повеќе странски јазици. Jaс би им препорачала на младите да учат англиски и германски јазик. Имав една професорката која нè учеше дека сè што можеме, треба да научиме во животот за полесно да се снаоѓаме и да не чекаме од друг“, рече таа.

За работа на брод, работа на Запад, фриленс ангажман потребно е познавање на странски јазици.

Кариерниот советник, Наташа Ивановска ја нагласува потребата од течно говорење на англискиот јазик за напредок во кариерата.

„Од искуство, познавањето на професионално ниво на англиски јазик е меѓу клучните фактори за кариерен напредок на повисоки позиции. Дури и за некои позиции на ниво на работник/оператор, се бара англиски јазик за работа со инструменти/машини и слично. Во однос на познавање на втор или трет јазик, зависи од кариерниот план на лицето. За работа во Македонија, искуството покажува дека познавањето на германски јазик може да биде предност за некои позиции, но не бил клучен за кандидати за одредена позиција“, рече Ивановска.

Лиде Стојановска, дипломиран преведувач и толкувач и туристички водич вели дека секој млад човек треба да знае англиски јазик, а познавање на друг јазик е добредојдено. Таа говори три јазици, англиски, француски и шпански.

„Дури и за диспечери и за многу работни места бараат познавање на јазик. Може нескромно ќе звучи, но да не беше познавањето на шпанскиот јазик, немаше да имам толку работа. Од идната година се надевам на тури со француски јазик. Ни беше смешно порано дека поради шпанските сапуници научивме по нешто на шпански јазик, но тоа создаде љубов кон јазикот, го засакавме“, рече Стојановска.

Инаку, статистички, според податоци на Евростат, најголем дел од македонските граѓани говорат само еден странски јазик.  Aко пред неколку години, 38.6 отсто од нашите граѓани зборувале само еден странски јазик, 31.7 отсто не зборувале ниту еден странски јазик. Потоа, 20 отсто зборувале 2 јазици, а 9.7 отсто, три и повеќе странски јазици. Во соседството, според достапните податоци од Евростат, подобри од нас биле Србите, а полошо котирале Албанците.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/Igolubovystock

Слично

Поврзани вести