Дали Европа ги научи лекциите од енергетските кризи – Анализа со Соња Ристеска
Додека очите се вперени кон Швајцарија каде треба да продолжат директните преговори меѓу САД и Иран за ставање крај на војната на Блискиот Исток, постојано се следат цените на берзите за основните енергенси, при што Европа се соочува со уште една енергетска и ценовна криза. Македонија, увозно зависна од електрична енергија, се соочува со сопствени предизвици, иако постои голем напредок во капацитетите на обновливи извори на енергија. Но, како да се зголеми отпорноста на економијата и да се заштити стандардот на населението и што ја спречува енергетската демократија. На овие, но и теми како развојот на нови технологии во енергетиката, потребата од дата центри и нивните ризици, како и заедничката енергетска европска политика, разговараме со Соња Ристеска која раководи со Европската платформа за батериски системи во SolarPower Europe во Брисел, Белгија.
„Иако дел од лекциите се научени, енергетската политика не се спроведува секаде рамномерно“, смета Ристеска, која има долгогодишно искуство во повеќе европски земји, во различни делови од енергетскиот сектор, активно придонесувајќи кон енергетската транзиција, напуштањето на јагленот, правичната транзиција, имплементацијата на чисти технологии, како и развојот на соларната енергија и батериските системи за складирање.
„Поуките од војните во Украина и на Блискиот Исток водат кон ист заклучок: долгорочната енергетска безбедност на Европа зависи од зголемување на домашното производство на обновлива енергија, инвестирање во складирање, батерии и мерки за флексибилност на електроенергетската мрежа, како и од забрзување на електрификацијата. Овие мерки не само што ги поддржуваат климатските цели, туку и ја зајакнуваат економската отпорност и ја намалуваат ранливоста на геополитички шокови“, вели Ристеска.
Како се споредува сегашната енергетска криза предизвикана од војната во Иран и блокадата на енергенсите преку Хормуски Проток, особено течниот природен гас кој се доставува во Европа преку американски танкери и прекинот на достава по нападите врз постројките во Катар, со енергетската криза која беше предизвикана од руската инвазија врз Украина и забраната за увоз на руски гас и енергенси. Дали Европа во меѓувреме ги „научи“ лекциите за својата енергетска независност или пакне постои единствена европска политика и стратегија по ова прашање која ќе овозможи брза и рамномерна енергетска транзиција?
Ристеска:Сегашната енергетска криза се разликува од војната во Украина, но сепак има доста слични динамики: Европа продолжува да е изложена на шокови од надвор врз снабдувањето со енергија и на нестабилноста на глобалните пазари на фосилни горива поради тоа што е доста зависна од нив. Додека кризата во 2022 година беше првенствено предизвикана од губењето на пристап до руски гас и со тоа последователните ценовни шокови, војната на Блискиот Исток ги доведе во ризик најмногу испораките на течен природен гас (LNG) и нафта преку Хормускиот Проток, што повторно изврши притисок врз цените на енергијата (посебно електричната енергија) во Европа.
Во исто време, Европа денес се наоѓа во многу подобра позиција отколку пред четири години. Најважно е што Европа учи дека вистинската енергетска безбедност не се постигнува едноставно само со замена на еден странски снабдувач со друг, туку преку намалување на вкупната зависност од увезени горива. Соларната енергија веќе ѝ заштедува на Европската Унија милијарди евра во трошоци за увоз на фосилни горива за време на периоди на геополитички нарушувања; досега се заштедени околу 15 милијарди евра преку избегнат увоз на гас благодарение на соларната енергија. Дополнително, во 2026 година се очекува производството на соларна електрична енергија во ЕУ да избегне увоз на гас во вредност од десетици милијарди евра, во зависност од движењето на цените на гасот.
Сепак, Европа не може да рече дека е сѐ готово. Побрзото приклучување на нови соларни електрани би донело уште поголеми заштеди и дополнително би ја намалило изложеноста на Европа на идни шокови во снабдувањето. Но, за да се максимизира вредноста на соларната енергија, потребни се технологии за складирање и други решенија за флексибилност на системот кои овозможуваат складирање на вишокот произведена енергија, намалување на пикот во потрошувачката и со тоа ограничување на влијанието на цените на гасот врз пазарите на електрична енергија. Паралелно со тоа, електрификацијата на транспортот и греењето, кои се сè повеќе на обновливи извори на енергија, создава долгорочно структурно намалување на увозот и на нафта и на гас.
Клучното прашање е дали Европа навистина развила унитарна енергетска стратегија. Одговорот е некаде на средина. Европската Унија постигна значителен напредок преку планот AccelerateEU, претстојниот Акциски план за електрификација, како и преку други мерки донесени како одговор на оваа криза. Сепак, енергетската политика останува делумно фрагментирана, при што различните земји членки следат различни технолошки избори, имаат различни инвестициски приоритети и временски рамки за енергетската транзиција. Како резултат на тоа, сè уште не постои целосно усогласен европски пристап што гарантира брза и рамномерна транзиција и електрификација во сите земји. Сепак, општата насока е јасна.

Македонската влада ја промовираше токму енергетиката како еден од главните столбови за економски раст, за што беше формирано посебно Министерство за енергетика, а беше донесен и новиот Закон за енергетика. Во овој контекст, дали енергетската криза, од која сите ги чувствуваме последиците, е пречка или можност за Македонија?
Ристеска:Тековната енергетска криза не треба да се гледа само како предизвик, туку и како можност за забрзување на транзицијата од фосилни горива кон поотпорен и поодржлив енергетски систем. Македонија веќе e на доста позитивен пат на оваа тема, при што обновливите извори, како што се хидроцентралите, ветерниците и фотоволтаиците, обезбедуваат речиси половина од производството на електрична енергија во земјата. Сепак, остануваат значителни предизвици, особено кај електрификацијата на греењето и транспортот, кои сè уште речиси целосно зависат од увезени фосилни горива или на биомаса од лош квалитет. Оваа зависност од нафтени деривати и неефикасни системи за греење продолжува да создава економски притисок врз домаќинствата, бизнисите и целокупната економија.
Забрзаното воведување на топлински пумпи, електрични возила и други решенија кои користат чиста енергија би помогнало во намалувањето на овие ранливости и би ја подобрило интеграцијата со електроенергетскиот систем кој сè повеќе се базира на обновливи извори. Во исто време, иднината на РЕК Битола останува важно и сè уште нерешено прашање. Управувањето со постепеното напуштање на јагленот преку пристап што обезбедува праведна транзиција ќе остане клучен предизвик за енергетската политика во земјата. Генерално, кризата може да послужи како катализатор за нови инвестиции, модернизација и поголема енергетска независност, под услов да се воспостават соодветни политики и да се реализираат потребните инвестиции.
Еден од концептите за заштита, пред сѐ на граѓаните и малите потрошувачи, е да се промовира формирањето енергетски заедници кои ќе произведуваат локална енергија преку обновливи извори, а преку батериски системи истата ќе може да ја складираат и употребат според потрошувачката, но и ќе придонесат во енергетскиот систем. Дали овој концепт е засега само убава идеја или има вистински потенцијал да се развие, како од технолошки така и од регулативен и економски аспект?
Ристеска:Енергетските заедници претставуваат еден од клучните столбови на демократизацијата на еден нов, дистрибуиран и зелен енергетски систем. Поддржани од законодавството на Европската Унија, тие им овозможуваат на граѓаните, општините и малите бизниси заеднички да произведуваат, трошат, складираат и споделуваат обновлива енергија. Намалувањето на трошоците на чинење на соларните панели и батериските системи го направи овој концепт технички изводлив, додека искуствата од повеќе земји на ЕУ покажуваат дека тој може да биде и економски исплатлив преку намалување на сметките за електрична енергија и намалување на изложеноста на нестабилните цени на енергенсите.
Добар пример е Ecopower во Белгија, граѓанска енергетска задруга со десетици илјади членови кои заеднички инвестираат во проекти за обновлива енергија. Членовите имаат корист од локално произведена обновлива електрична енергија, учествуваат во процесите на одлучување и го споделуваат економскиот бенефит од проектите.
За жал, во Македонија енергетските заедници во голема мера засега се само концепт, наместо широко распространета реалност. Постојат повеќе причини за тоа. Тие досега не беа значаен приоритет во енергетските политики, многу локални заедници немаат доволно финансиски средства за инвестиции во соларни инсталации или батериски системи, и исто така процедурите за добивање дозволи можат да бидат сложени и долготрајни. Дополнително, свеста за придобивките и техничката експертиза сè уште се ограничени.
Како резултат на тоа и покрај јасниот потенцијал на енергетските заедници да го забрзаат развојот на обновливите извори на енергија, како и можноста да ги намалат трошоците на граѓаните и да ја поддржат енергетската транзиција, сè уште се наоѓаат во многу рана фаза на развој. Сепак, со соодветна регулаторна рамка, механизми за финансиска поддршка и активности за јакнење на капацитетите, поготово човечките, тие би можеле да станат важен дел од идниот енергетски систем на Македонија.
Во неколку наврати премиерот и министрите ги споменуваат дата центрите како голема економска можност за Македонија која ќе привлече силни странски инвестиции. Но, дата центри без соодветна енергетска инфраструктура и сериозни и стабилни производствени капацитети како и водни ресурси се практично невозможни. Дали оваа технологија и е потребна на Македонија и може ли да се оправда високата потрошувачка на ресурси, особено ако се користат за потреби надвор од државата?
Ристеска:Дата центрите стануваат и сè повеќе главна тема низ цела Европа бидејќи секако се гледаат како можност за привлекување инвестиции и поддршка на развојот на дигиталната економија. Иако не сум запознаена со конкретните бизнис-модели што се разгледуваат во Македонија, важно е секој развој на големи дата центри да биде придружен со соодветни инвестиции во производство на обновлива енергија, системи за складирање на енергија како батерии и електроенергетска инфраструктура (нови трафостаници или нова мрежа во зависност од локацијата на планираните инвестиции).
Со оглед на нивната значителна потрошувачка на електрична енергија и секако вода, дата центрите треба да подлежат на строги еколошки стандарди со цел да се минимизира нивното влијание врз локалните заедници и природните ресурси кои веќе се под притисок во Македонија.
Дата центрите можат да бидат корисни доколку придонесат за забрзување на инвестициите во дигитализација, обновливи извори на енергија, електрификација и зголемување на флексибилноста на енергетскиот систем. Сепак, сите носители на одлуки без разлика на државата треба внимателно да го проценат нивното долгорочно влијание врз енергетскиот сектор. Без соодветно планирање, дата центрите можат да ја зголемат зависноста од фосилни горива, да создадат дополнителен притисок врз електроенергетските мрежи и, на крајот, да придонесат за повисоки енергетски трошоци за домаќинствата и бизнисите.
Се покажа дека за климата и енергетиката многу поважни се политичките трендови, отколку научните истражувања и податоци. Во една ваква неизвесна и нестабилна геополитичка состојба дали има простор за нови достигнувања во енергетиката. Што вели науката, дали одредени технологии кои некогаш беа силно ветувани како водород или целосна електрификација се достижни?
Ристеска:Познато е дека кризите поттикнуваат иновации. Европа историски има силна традиција на поттикнување иновативност, а енергетската транзиција неизбежно ќе носи со себе и успеси и предизвици на патот кон нејзината имплементација. Водородот ќе игра улога, но главно ограничена во оние сектори кои се особено тешки за електрификација, како што се авијацијата на долги релации и поморскиот транспорт на големи растојанија. За повеќето други сектори, електрификацијата веќе е и технички изводлива како и економски оправдана.
Денес имаме на располагање технологии и алатки, вклучувајќи фотоволтаици, ветерници, батериски системи за складирање, топлински пумпи, електрични автомобили и дигитални решенија за управување со електроенергетските системи кои ќе помогнат во декарбонизацијата на нашите економии. Освен тоа речиси целосната електрификација е од суштинско значење за зајакнување на енергетската безбедност на Европа, намалување на емисиите како и одржување на економската конкурентност преку намалување на цените со тоа што нема да се увезуваат фосилни горива.
Сепак, ваквите промени можат да бидат успешни само доколку се придружени со масовна изградба на проекти од обновливите извори на енергија, како и преку флексибилност на енергетскиот систем, овозможена преку батериските системи за складирање на енергија и паметните мрежни решенија.
Х.С.