Дали е на повидок проширување на парламентарното мнозинство? Заев на средба со Гаши
Премиерот Зоран Заев денес оствари средба со претседателот
од скопското крило на Беса, Африм Гаши. Тема на денешниот разговор биле актуелните
реформски процеси со посебен осврт на евроатлантските интеграции, како и
економските текови во Република Македонија.
Претседателот на Владата, и претседателот од скопското крило на Беса, во
текот на месецот ќе разговараат за обезбедување идна можна соработка на
парламентарно ниво и на ниво на извршна власт.
Од Владата информираат дека на средбата што денеска ја оствариле Заев и Гаши станало збор за реформските, економските и политичките текови, а разговорите ќе продолжат со цел обезбедување можна идна соработка.
„На средбата беше разговарано за актуелните реформски процеси со посебен осврт на евро-атлантските интеграции, како и за економските текови во Република Македонија. Премиерот Заев го информира претседателот на Движењето Беса, Гаши, за текот на преговорите во врска со проблемот што Република Грција го има за уставното име на Република Македонија потенцирајќи дека процесот се наоѓа во суштинска фаза и дека постојат разлики меѓу преговарачките страни, но дека постои оптимизам за изнаоѓање решение што ќе ги заштити достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави. Во рамките на состанокот беше договорено дека разговорите меѓу премиерот Заев и лидерот на Беса, Гаши, ќе продолжат во текот на март заради обезбедување идна можна соработка на парламентарно ниво и на ниво на извршна власт“, соопшти владината прес-служба.
Африм Гаши минатиот месец на конгрес во Тетово беше избран за претседател на Движењето Беса. Од друга страна, викендов тетовското крило на Беса за претседател го избра досегашниот лидер на движењето, Билал Касами.
