Дали ДУИ ќе ги повлече своите министри?
Во ДУИ уште размислуваат дали да ги повлечат своите министри од Владата, објави Алсат М
Десет дена по првичните најави дека кадрите на Али Ахмети би можеле да ги напуштат министерските фотељи, конкретна одлука нема.
„Во овој период ги консултиравме експертите од таа област и нивен консензуален став е дека нема да има никакви правни последици, бидејќи повлекувањето на министрите значи дека тие ќе мора да останат во своите канцеларии се’ додека не дојдат нивните заменици, односно новите министри. Меѓутоа, тоа ќе даде една политичка порака, а бидејќи политичката порака може да има некоја функција во одглавувањето од оваа политичка состојба, ние ќе ја разгледаме и таа можност. Во моментов сме во консултации со другите политички партии, дали евентуалното давање на таква политичка порака може да придонесе во формирањето на новите институции, но свесни сме дека тоа нема да има никакви правни последици во смисла дека со повлекувањето на министрите на ДУИ ќе дојде до полесно формирање на Влада - вели Бујар Османи, портпарол на партијата.
Од ДУИ додаваат дека доколку сепак решат да ги повлечат министрите, тоа ќе биде јасна порака дека ДУИ е подготвена на секој потег за да биде дел од новото парламентарно мнозинство.
