Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали добрите практики и проекти се пресликуваат од општина во општина?

Дали добрите практики и проекти се пресликуваат од општина во општина?

Субвенции за првачиња, средношколци, паричен надомест за новороденчиња, субвенции за купување на велосипеди, аеросолно прскање во денови со загаден воздух се само дел од мерките кои се применуваат или се применувале во повеќе општини во државата.

Од општините велат дека се дискутира на овие теми, и доколку некој проект е успешен во друга општина, истиот го имплементираат во рамки на своите можности. Целта е во крајна линија да испорачаат што подобри и поквалитетни услуги кон граѓаните.

Даниела Такева, советник за односи со јавност во Општина Делчево вели дека општините меѓусебе комуницираат, соработуваат, пред сè имајќи го предвид и здружувањето во тела, како што се планските региони, или Локална акциска група, како што е Пијанец-Малеш, телата кои се формираат со поддршка на ЗЕЛС, и сите даваат можност за размена на искуства по одредени прашања, искористување на добрите практики и реализација на соодветни мерки.

„Сепак, секоја општина има свои специфики, па така се и специфични и потребите на граѓаните од каде произлегуваат и нивните приоритети. Како релативно мала општина, Делчево користи дел од добрите практики на поразвиените и поголеми општини, но тие мерки и активности се модифицираат за да одговараат на потребите на нашите граѓани. Овде би го споменала делот на воведување на родовиот концепт и родовоодговорно буџетирање, каде го следиме искуството на општините кои се во напредна фаза од воведувањето на овој концепт и со поддршка на менторската организација, UN Women и ЗЕЛС,  го воведуваме концептот. Исто така, во делот на транспарентноста и отчетноста, каде последниве 2 години имаме значителни постигнувања, користевме искуства од општините Крива Паланка, Кочани, Карпош и чекорите кои ги направивме, воведување соодветни алатки преку новата веб-страница, дадоа резултати. По примерот на поголемите општини од наредната година ќе воведеме мерка за субвенционирање на граѓаните за инсталирање соларни колектори на индивидуални домови, како и замена на печките на дрва со печки на пелети или инвертери, со цел заштита на амбиенталниот воздух“, додава Такева.

Сето ова е еден голем плус за локалните самоуправи, кои колку се потранспарентни, туку се и поблиску до граѓаните.

„Почнавме со паричен износ од 2.000, 3.000 за првачиња и средношколци во прва година, а како што што растат трошоците од следната година ќе биде и 5.000 денари. Кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година почна да функционира и Домот за стари лица, а сега истото настојуваат да го реализираат и во други општини, да добијат Дом за стари лица. Доделуваме субвенции за купување на велосипеди, во рамки на можностите кои ги имаме како општина, а во насока на почист воздух и заштита на животната средина. Од идната година планираме да субвенционираме греење на пелети и клима. Доделуваме и паричен надомест за прво родено дете, и тоа се практикува во многу општини“, вели Билјана Каламадевска,  вработена во секторот за локален економски развој во Општина Берово.

И од Општината Кавадарци потврдуваат дека имаат проекти кои се преземени и реализирани по примерот на други општини во земјава.

„Да, дефинитивно има позитивни практики и проекти кои се успешно превземени и реализирани и од други општини. Еден од најуспешно реализираните наши проекти е проектот Мој општинар (проект кој значи поделба на реони на територија на Кавадарци, претставник на секој реон, комуникација со граѓаните на дневна основа за нивните потреби, барања и сугестии), проект успешно спроведен заедно со ЈП Комуналец и градоначалникот Митко Јанчев. Истиот е превземен и во
други општини,  а од сега и во Велес. Меѓуопштинска соработка со Росоман ( во делот на зајакнувањето на инспекциските служби) и Неготино (во делот на заштита на животната средина, на соработка со противпожарните станици). Субвенции за енергетско ефикасни тела ( велосипедисти, клими и пелети). Формирање на младински центар во Кавадарци, прогласен како најдобар пример за проект на територија на цела држава, и е прв центар со сите правни акти. Го превземаат и Велес и Куманово. Успешен
регионален центар за невладини организации, достапен и во сите градови и села. Релоад, наши организациии имплементираа активности во други општини, за зајакнување на капацитетот на организацијата на општина Кавадарци, и сите други“, вели Лилјана Митрова, лице за односи со јавност од Општина Кавадарци.

Од Општина Центар Жупа објаснуваат дека е во завршна фаза проектот за анагжирање на негувателки, кои ќе опслужуваат стари лица. Тие не се единствени, ваков модел за помош на старите и изнемоштени лица ќе се реализира и во други населени места.

„Преку МТСП ќе ангажираме 20 негувателки, кои ќе даваат услуги на повеќе од 50 стари лица. Таков проект има и во други општини“, велат од Општина Центар Жупа.

Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на република Северна Македонија -ЗЕЛС , објаснуваат дека освен застапување и лобирање за интересите на општините  пред централната власт, реализираат и активности за јакнење на капацитетите на општинската администрација.

„На средбите на секоја професионална мрежа, што се одржуваат во ЗЕЛС,  присутните претставниците од општините имаат можност освен да  дискутираат за  одредени теми од областа на своето работење, како што се одредени  предизвици, законски решенија, обуки, тие изнесуваат и добри  искуства  од своето работење. На тој начин  тие се поврзуваат и општината која е заинтересирана  да ја реализира  добрата практика што ја спровела друга општина ги добива сите потребни информации како и таа да ја спроведе таа практика. Исто така, ЗЕЛС се вклучува во многу регионални и меѓународни проекти. При тоа  најчесто се утврдуваат неколку  пилот - општини од нашата земја кои учествуваат во проектот, реализираат низа активности и при тоа ги  ,,собираат,“ добрите искуства  од други општини од регионот или пошироко“, велат од ЗЕЛС.

Појаснуваат дека такви искуства досега се  обезбедени во повеќе области: локален економски развој, социјала, образование, животна  средина, еднаквост на мажите и жените и други.

Сања Атанасовска

фото Википедија

Слично

Поврзани вести