Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали аерозагадувањето ќе и направи реклама или антиреклама на Македонија?

Дали аерозагадувањето ќе и направи реклама или антиреклама на Македонија?

Македонија станува земја позната по загаден воздух, затоа што високо котира на глобално ниво, па дури минатата недела Скопје се искачи и на втората позиција на листата најзагадени градови.

Дека туризмот и животната средина се две гранки кои се тесно поврзани, потврдува и Билјана Пејовска Ристеска од Стопанската комора за туризам. Таа смета дека овој проблем досега требаше да се актуелизира.

„Чистиот воздух има голема вредност во контекст на туризмот.  Воочената зависност на туризмот и животната средина претставува долгорочна перспектива за развој на дејноста. Загадениот воздух ја намалува вредноста на секоја потенцијална дестинација при избор на туристите и посетителите и како место за посета, а уште помалку како место за одмор. Да се биде на врвот на листата најзагадени градови во светот не е само антиреклама, тоа е во најмала рака еколошка катастрофа која предизивкува природни негативни влијанија врз здравјето на луѓето, а покрај тоа има и економски импликации  преку туризмот во целокупната економија на државата со: намален интерес или откажани посети, намалување на финансиската моќ кај туристичките компании, и воопшто намалување на прометот во туристичката индустрија. Превземањето навремени неопходни  мерки и контрола од страна на надлежните институции кои би придонеле до менување на состојбата, за жал подолг период не се видливи“, вели таа.

Tуристите сепак велат дека ова е сериозен проблем кој мора да се реши, но дали тоа ќе ги одврати странците да не ја посетуваат Македонија не знаат. Ванеса Алава од Шпанија досега повеќе пати била во Скопје и други делови на Македонија. Вели дека загадувањето не може да биде фактор за некој да ја одмине земјата, затоа што како што додава таа е од Мадрид, воедно работи како туристички работник, и таму е загадено, но туристи има.

„Можеби луѓе од северните земји и од оние места каде нема загадување ќе забележат за ова, но јас не. Последен пат бев во јануари, тогаш загадувањето е високо. Скопје и Македонија имаат други предности и причини зошто треба да се посетат. Мислам дека загадувањето не е антиреклама. Имам пријатели во Скопје, ми рекоа дека понекогаш тешко дишат, но за мене не е проблем. Ги посетив Скопје, Охрид, Куманово, и пак ќе дојдам во вашата земја во април“, додава Алава.

Таа објаснува дека и Кина е загадена, но секој ден има милиони посетители.

Македонија стана една од најзагадените земји во Европа и на Балканот. Загаденоста на Скопје може да се мери со онаа од кинеските и индиските градови.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести