ДАЛИ АДМИНИСТРАЦИЈАТА ЌЕ СЕ ВРАЌА НА РАБОТА: По подолга пауза Комисијата за заразни болести најверојатно денеска ќе дискутира за ова
Сè уште
е неизвесно дали од понеделник администрацијата ќе се враќа на работа како што
беше претходно најавено. Имено, поради фактот дека состојбата со епидемијата е
целосно под контрола и дека бројките на новозаразени со Ковид-19 од недела во
недела се намалуваат, административците од 1. февруари треба да се вратат на
работа со редовно работно време, без да го организираат работниот процес во
смени или да ротираат.
Но, дел од вработените во некои од институциите и компаниите се обратија до редакција Фактор, прашувајќи дали последниот став на Владата дека од почетокот на февруари завршува ваквиот начин на работење е конечен, посебно откако пред некој ден во Македонија е регистриран и новиот британски сој на вирусот.
Велат дека во стандардни канцеларии работат од четири до шест луѓе и доколку треба да се вратат сите на работа, во ниту еден случај не може да се запазат мерките кои се препорачани, односно не може да се одржува потребното растојание меѓу вработените.
-Единствено останува да не штитат маските. Прозорците не може да бидат постојано отворени бидејќи е ладно, а растојание меѓу нас навистина нема. Од октомври до сега одиме преку еден ден на работа, во канцелариите сме по двајца, најмногу по тројца вработени и навистина немаше никаков застој во работниот процес. Сега на вистина не знаеме како би се организирале од поенделник, доколку треба сите оддеднаш да се вратиме на работа, велат за Фактор дел од вработените во администрацијата.
Во некои компании пак, уште во текот на оваа недела им било кажано дека од понеделник сите треба да почнат со редовно работно време и дека завршува организирањето на смените и ротациите иако по последната одлука на Владата од 20. октомври, властите не дискутирале за ова прашање. Засега има само предлог од Министерството за информатичко општество и администрација, од понеделник целата администрација да се врати на работа.
Министерот за здравство Венко Филипче за Фактор одговори дека навистина не дискутирале во однос на ова прашање, и дека најверојатно денеска Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок, по што ќе излезат со конкретни одговори.
Инаку, Комисијата за заразни болести подолго време не одржува работни состаноци, пред се заради парзничниот период, но и поради тоа што од Ковид-19 беше заболен и претседателот на Комисијата, д-р. Жарко Караџовски.
Вработените во државните институции од почетокот на епидемијата на корона вирусот, односно од март лани, работниот процес го организираат со работење од дома, подоцна со работа во смени или на принцип на ротации. Хронично болните, како и мајките на деца до 10 години беа целосно ослободени од работа.
Државната и јавна администрација, општините и судовите, согласно одлуката на Владата од 13-та седница, од 20 октомври 2020 година, по препорака на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, согласно принципот на работа и работниот процес, ја организираше работата во смени, на далечина (дома) или, пак, редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите, имајќи го предвид Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.
Анита Буховски
