Даци бил баран со меѓународна потерница и избегал од куќен притвор
Блерим Даци од Скопје, кој беше застрелан со канонада од куршуми синоќа во Приштина и се верува дека е вовлечен во фамозното двојно убиство во „Шиша бар“ во скопската чаршија, бил баран по меѓународна потерница од македонската полиција и во меѓувреме го променил презимето во Шабани.
Разузнавачки извори за Телма велат дека претходно тој издржувал затворска казна во Пакистан како член на Ал Каеда, во Македонија се вратил во 2014 и го сменил презимето во Шабани
Имало и меѓународна потерница по Даци за најдено оружѓје по полициска акција на 10 ноември лани, кога кај него се најдени три пиштоли, муниција и дрон. Добил домашен притвор, но до новата одлука за затвор избегал пред да го спроведе полицијата.
Бил под истрага за ѓвовлеченост во убиство и предизвикана општа опасност, кога пред три години бил егзекутиран член на кланот во Грчец.
Косовската полиција известува дека мртвото тело на жртвата е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина. Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека се во комуникација со косовската страна, но дека надлежните институции подоцна ќе соопштат детали.
По прелиминарните истраги на Косово, кај Блерим Даци биле откриени лажни документи кои ги користел, а кои биле на име на Блерим Шабани. Полицијата започна интензивна истрага за откривање на идентитетот на осомничениот или осомничените, но засега нема информации за нивно фаќање.
