ДА УЧИМЕ ОД СЛОВЕНЦИТЕ: Не само возрасните и малолетниците ги испраќаат на општокорисна работа – каде и како?
Минатата недела пишувавме како Словенија ги упатува возрасните на општокорисна работа поради тоа што сториле прекршоци, но од словенечките институции ни појаснија и какви мерки преземаат и за малолетниците.
Лани преку 100 малолетници вршеле општокорисна работа во Словенија и тоа во различни институции. Со своите активности, помогнале на заедницата.
„Во 2024 година, центрите за социјална работа испратија 118 малолетни лица на општествено корисна работа. Работеле за општа корист, на пример, во домови за стари лица, во разни здруженија и невладини организации (на пример, спортски или младински клубови), разни јавни институции и јавни претпријатија (библиотеки, основни училишта, средни училишта, спортски институти, комунални претпријатија) или центри за социјална работа“, велат од Mинистерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности на Словенија за Фактор.
Мора да има судска одлука со цел младите да ги упатат на општокорисна работа. Трошокот за општокорисна работа паѓа на товар на државата. Малолетниците се гонети во кривични или прекршочни постапки и потоа им е наложено да вршат општокорисна работа.
„Постапката во Центарот за социјална работа (ЦСД) предвидува дека кога ЦСД добива судски налог за општокорисна работа изречена на малолетно лице во кривична постапка или во прекршочна постапка, подготвува, раководи и врши надзор над спроведувањето на мерката. Малолетникот, надлежниот центар и организацијата што го спроведува склучуваат договор за вршење на работи во корист на хуманитарните организации или локалната заедница. Буџетот на Република Словенија ги покрива: трошоците за медицински прегледи, трошоците за обука за безбедно извршување на работата, трошоците за осигурување во случај на повреда на работа или професионална болест или смрт како резултат на повреда на работа или професионална болест, трошоци за транспорт и трошоци за ручек“, додаваат од Mинистерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности.
Од словенечката Управа за пробација при Министерството за правда минатата недела ни потврдија дека лани се реализирани 1.874 задачи за општ интерес. Луѓето работат во општините, хуманитарните здруженија, комуналните претпријатија и слично.
Лани малолетници кршеа урбана опрема во Скопје, во декември во 2024 година, млади хулигани кршеа ретровизори во Штип, а демолирана опрема претходно имало и во Куманово и во други градови во земјава. Се бара начин преку законско решение, државата да ги принуди младите на општокорисна работа во заедницата поради вандализам.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
