Економија, финансии, бизнис

Контакт

Да се забрани градење на опожарено место: СДСМ и Левица „за“, молк од ВМРО-ДПМНЕ

Да се забрани градење на опожарено место: СДСМ и Левица „за“, молк од ВМРО-ДПМНЕ

Би поддржале ли партиите законски измени кои би значеле забрана за градење на опожарено место? Фактор го даде овој предлог на дел од пратениците во Собранието, по уште едно лето полно со интервенции од страна на пожарникарите. Опозицијата е „за“, а власта молчи на нашето прашање, дали вакви измени се можни и дали би можело да се донесат по изборите, бидејќи за време на распишани избори, парламентарицте се во „хибернација“ и не поднесуваат никакви нови измени до завршување на изборниот процес. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски вели дека неговата партија е „за“, но да се внимава да не бидат оштетени оние чии објекти биле запалени.

„Да. Зошто да не. Само треба да се види што како, каде тоа ќе има. Ако е на пример стопански објект, тоа да се исклучи, ако некому му се опожарил објект да може повторно да си го изгради“, рече Спасовски за Фактор.

Ваков предлог е прифатлив и за Левица. Партијата веќе еднаш поднесе ваков предлог до Собранието - 50 годишна забрана за било каква урбанизација, градење на објекти, поставување на фотоволтаични централи, сеча на дрвја, на површини коишто биле зафатени од пожар, но владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ не гласаа за потребата воопшто овој предлог да биде разгледуван на пленарна седница.

Пратеникот на Левица и кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, во изјава за Фактор потсетува дека нивната партија го поднесе овој предлог лани, кога изгоре 2 отсто од територијата на Македонија - колку во претходните десет години заедно, а оваа година, земјата е повторно во пламен.

Вели дека целта на предложените законски измени на Левица била да се дестимулира намерното палење на шумите и подметнувањето шумски пожари, кои последните години се јавуваат сè почесто и предизвикуваат пред сѐ огромна еколошка и економска штета. Потенцијалните мотиви за подметнување пожари, вели тој, најчесто се поврзани со можноста земјиштето зафатено од пожар да се урбанизира, на него да се изградат објекти, да се постават фотоволтаични централи или да се врши сеча на шумите од профитерски цели.

„Со предложените измени се предвидуваше 50-годишна забрана за било каква урбанизација, изградба на објекти, поставување фотоволтаични централи или сеча на шумите на сите опожарени места. Ваквата мерка ќе ја направеше практиката на подметнување пожари економски бесмислена и значително ќе ги отстранеше мотивите за нивно намерно предизвикување. Покрај неприфаќањето на ова системско решение, надлежните институции не успеаја ниту да се справат со пожарите, ниту да превенираат идни, и покрај тоа што Левица поднесе амандмани кон Буџетот за 2025 година за набавка на соодветна опрема и механизација. Наместо конкретни мерки, јавноста добиваат изговори за крави кои не паселе, штурци, лисици и поединци кои од политички мотиви подметнувале пожари, но и без сериозен одговор на прашањето колку подметнувачи се пронајдени и процесуирани“, вели Мециновиќ.

Тој додава дека отсуството на ваква превентивна регулатива ширум ги отвора вратите за подметнатите пожари да се претворат во профитабилни градежни локации. 

„Таков е и примерот со спорниот хотел на Мијалков кој се гради на охридското крајбрежје на место кое претходно било зафатено од пожар. Оттука, последиците и мотивите на пожарите од претходната и оваа година допрва ќе излезат на виделина. Затоа, Левица останува на ставот дека ваква законска измена мора да се донесе, за да се пресечат мотивите за намерно палење шумски површини. Бидејќи поради ароганција владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ го одбива секој прелдог на Левица - ги повикуваме тие, доколку навистина се залагаат за добробит на граѓаните и државата, да го препишат и поднесат нашиот предлог, а Левица би дала поддршка“, изјави Мециновиќ за Фактор.

Став побаравме и од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, но до објавување на текстот, тој не одговори на нашето прашање. 

Предлогот - забрана за градење на опожарен јавен простор доаѓа по зачестените пожари на територијата на Македонија. Низ годините, граѓаните се сведоци на примери, кога неколку месеци по огнот, на опожареното место почнува да се гради.

Александар Тодески

Слично

Поврзани вести