„ДА НЀ ОЧЕКУВАВТЕ ДА ГО БАКНУВААТ ЗНАМЕТО, ПА СЕГА ГЛУМИТЕ ИЗНЕНАДЕНИ“- ЛАВИНА РЕАКЦИИ ПО УНИШТУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ: Вријат социјалните мрежи
Со рафали и огномети но и со уништување на македонското знаме, синоќа се прославуваше Денот на албанското знаме.
По инцидентите, голем број новинари, политичари но и обични граѓани реагираа на кинењето и палењето на знамето.
Меѓу првите се огласи новинарот Фуркан Салиу кој истакна дека тоа не е ништо во споредба со тоа што доаѓа денес.
По него само се редеа реакции.
Професорката Билјана Ванковска истакна дека „Жална е оваа земја. Немаме солзи да ја исплачеме“.
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден.
„Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот.
Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност.
Правдата доаѓа, а овие реакции се најголема потврда за нивниот страв.
Ги повикуваме граѓаните, како и во минатото кога имало вакви обиди, да останат достоинствени и мудри бидејќи ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Се огласија и од СДСМ.СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
„Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците.
Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности.
СДСМ бара од Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија. Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани.
СДСМ повикува на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации“, велат од партијата.
