Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДА ИЛИ НЕ ЗА ЕКСТЕРНО: Без мотивиран наставник, нема едуциран ученик!

ДА ИЛИ НЕ ЗА ЕКСТЕРНО: Без мотивиран наставник, нема едуциран ученик!

На образованието сега повеќе од кога и да е му е потребно јакнење на стручноста и независноста на наставниците, а со тоа и на компетенциите на наставникот преку целосно елиминирање на партиските влијанија и мотивирање на наставниците преку транспарентен систем на наградување,  зашто само на тој начин ќе се подигне квалитетот на наставата. Само мотивиран наставник може да биде активен субјект за подигање на квалитетот на образовниот процес во целост- вака професорот по германски јазик Стефан Симовски го гледа излезот од долгата и мачна голгота на образовниот систем. Од суштинско значење според него е ресорното министерство пред се` да ја реформира уписната политика,  за да го подигне квалитетот на наставата и да ги зајакне стандардите за квалитет. 

“Мој личен впечаток е дека реформите во образованието почнувајќи од 2011 година па досега беа направени без некој пообемна анализа и продолжија да се спроведуваат без сериозни консултации со стручната јавност. Ова го потврдува тоа што обемната анализа на реформите и суштинските  проблеми во основното и средното образование направена од Наставничкиот пленум и доставена пред повеќе од две години до МОН покажа дека оваа институција надлежна за образованието остана индиферентна на барањата на наставниците како главни чинители во наставниот процес. Воведувањето на екстерното тестирање од самиот почеток беше проследено со контроверзи и предизвика низа проблеми. Министерството за образование и наука од причини што им се познати само ним уште во стартот отстапи од својот првичен концепт” – додава  професорот Симовски. 

Неоспорно е како што вели дека  екстерното тестирање го имаат најголемиот број европски држави, но  Македонија, има единствен систем на екстерно тестирање не само во Европа, туку и во светот. Негова главна одлика е оценувањето на учениците, а преку нив и на наставниците. 

“Екстерното тестирање секаде каде што се спроведува во светот претставува формативен, а не сумативен начин на оценување. Овој податок го знаат и го почитуваат надлежните институции одговорни за неговото спроведување во сите земји во кои се реализира екстерно тестирање и кои го спроведуваат на ниво на држава. Единственоста на образовниот систем на Република Македонија е тоа што ученикот преку ваков формативен начин на оценување добива годишна оценка (која смее да биде плод исклучиво на сумативното оценување со целосна примена на сите компоненти на Блумовата таксономија, а не на формативното во кое е применета само една компонента на Блумовата таксономија – препознавање односно разбирање), и тоа по основ на едно единствено годишно екстерно тестирање, а згора на тоа добиената оценка на екстерниот тест досега влегуваше во свидетелството, а со тоа и во вкупниот успех на ученикот”- додава Симовски. 

Цели пет години  вели екстерното се сведува на обид за што поуспешно решавање на еден однапред познат  квиз-тест, за притоа оценката на наставникот да падне во втор план поради ригидната политика на МОН поврзана со напредувањето во кариерата на наставнико. Па екстерното наместо да придонесе за подигање на квалитетот на образованието, во практиката се сведе единствено на судир помеѓу наставникот и МОН. 

“За трагедијата да биде уште поголема Уставниот суд по повеќе од една година од покренувањето на иницијативата за оценување на уставноста на екстерното тестирање негативно се изјасни по иницијативата на Наставничкиот пленум (или како што сакаат да кажат група наставници) за оценување на уставноста на ваквото екстерно тестирање. 

Според него сосема е бесмислено да се наградуваат, а уште поголем апсурд е тенденцијата да се казнуваат наставниците единствено врз основа на поклопувањето на добиената оценка на екстерно тестираниот ученик со годишната оценка на наставникот. Вели станува збор за ставање во ист кош на два различни концепти и начини на оценување.

“Токму од тие причини екстерното не смее да ја има главната улога во напредувањето во кариерата на наставникот, ниту смее да влијае на успехот на ученикот. Тоа не смее да биде цел на реформирањето на еден образовен систем само по себе. Имено, наставникот е должен да оценува транспарентно според претходно пропишани и утврдени национални стандарди и критериуми и стратегии врз кои надлежните институции во секое време може да имаат увид и контрола”- објаснува професорот по германски јазик. 

Наставниците последниве неколку години поради трикратно зголемениот обем на водењето на педагошката евиденција во хартиена и електронска форма  но и на административната работа во целост, се` повеќе  вели наликуваат на административни работници. 

“Небаре се писари, а се` помалку на наставници. Акцентот напротив треба да биде ставен на креативноста на наставникот во реализацијата на наставата. Не е само екстерното обид за заплашување и „дисциплинирање на т.н. непослушни наставници“, туку и воведувањето на драконските казни за наставниците по повеќе основи, како на пример за нередовното водење на електронскиот дневник (покрај него педагошката евиденција наставникот ја води и во хартиен дневник и во главна книга), (не)примена на ИКТ во наставата, (не)реализирање на МИО, (не)примена на еко стандарди” –нагласува професорот Симовски. 

Во последните пет години  Министерството за образование спроведе низа реформи кои според него очигледно не ја погодија суштината на проблемот на подигање на квалитетот. Тие како што вели покажаа на виделина уште поголеми проблеми и создадоа голем револт кај наставниците. Во најмала рака професорот очекува  негова суштинска промена по примерот на другите  европски земји кои исто така го спроведуваат ова тестирање но од него прават полезен проект кој служи за  својата суштинска цел - анализа и подобрување на новите наставни програми. 

Европските земји го применуваат екстерното тестирање и дополнителната надворешна евалуација,  но само за да можат да црпат информации за напредокот на образовната слика. 

“Во Хрватска наставниците одамна може да напредуваат во звања, а училиштата да добиваат финансиски средства за реализација на проектни и воннаставни активности од Министерството, но и од локалната власт. Германија е успешен пример за земја која нема екстерно тестирање на државно ниво и која има комплексен образовен систем. И покрај тоа Германија на ПИЗА студијата во последните десет години постојано бележи скок и на последната студија е рамо до рамо со водечките европски земји како што е Финска. Тоа покажува дека во оваа земја континуирано и аналитички се работи на спроведување суштински реформи во образованието. Во скандинавските земји најголемиот акцент се става на креативноста на наставникот во реализацијата на наставниот процес. Во сите земји членки на Европската Унија директорите ја играат улогата на училишни менаџери (а и по професија се менаџери, а не наставници или стручни соработници). Не ми е познато дека постои напредна европска држава во која Државниот просветен инспекторат има контакт со наставата. Овластувањата и задачите на ова контролно тело во тој поглед многу се разликуваат”- раскажува  Симовски. 

Едукацијата на наставниците, училишната управа и стручните служби смета дека  се еден од најзначајните сегменти за успешен образовен процес. Бидејќи долги години е на релација Македонија-Германија успеал да ги запознае позитивните европски практики кои се применуваат за успех, креативност и знаење. За тоа вели се потребни добри менаџери и креатори на образовните политики. 

С.Б.

Слично

Поврзани вести