Економија, финансии, бизнис

Контакт

Да биде повлечен Предлог -законот за употреба на јазиците - бараат македонистите

Да биде повлечен Предлог -законот за употреба на јазиците - бараат македонистите

Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ бараат да биде повлечен Предлог -законот за употреба на јазиците кој  влезе во собраниска процедура и за кој расправата ќе започне на 13-ти месецов. 

Седумнаесет професори и доктори на науки се потпишаа на петицијата испратена до Собранието со која бараат повлекување на законот од повеќе причини.

Со новиот предлог закон се излегува од рамката на Рамковниот договор и со негово евентуално донесување ќе треба повторно да се менува Уставот, тврдат профеосорите, кои сметаат дека се целосно имплементирани одредбите од Рамковниот договор што се однесуваат на употреба на јазиците. Освен тоа, велат дека во меѓународната комуникација ќе се воведе и албанскиот јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

„Со овој предлог закон македонскиот јазик станува еден од службените јазици во РМ; со што го губи својството на официјален јазик на којшто ќе комуницираат сите етникуми во РМ, а тоа не се само Македонците и етничките Албанци, туку и Турците, Ромите, Власите, Босанците, Србите, што претставува нивна дискриминација. Исто така, се излегува од формулата „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ и се изделува само албанскиот јазик како таков, наспроти останатите јазици што се зборуваат во РМ“- наведуваат од Институтот.

Новина со овој закон е дека се формира и Инспекторат за употреба на јазиците. Со тоа албанскиот јазик, велат, се издига над сите останати јазици, вклучително и македонскиот, кои немаат посебна агенција и инспекторат со вакви надлежности.

Сметаат дека прашањето за употреба на симболи на книжните и кованите пари, како и на поштенските марки, ознаките на униформите на полицијата, пожарникраството и здравството не треба воопшто да биде регулирано со Закон за употреба на јазиците.

Потпишаните професори бараат подолга подготовка во обработка на материјата и поширока јавна дебата во врска со употребата на сите јазици.

Слично

Поврзани вести