Д-р. Видак која во Британија ја прими вакцината: На почетокот имав мало двоумење, но кога видов како некои се на кислород, одлучив да побрзам
Доктор Јадранка Видак, лекарка со потекло од земјава која работи во болница во Велика Британија, во своето гостување на Телевизија 24, ја раскажа својата приказна како таа ја примила вакцината на Фајзер против ковид 19, кои биле нејзините првични размислувања и што било пресудно за да одлучи уште сега да се вакцинира против овој опасен вирус.
„Во здравството во Англија се пријавуваш на мејл, прикажуваш каква ти е здравствената состојба, ти закажуваат термин, повторно те прашуваат за здравствената состојба, ја примаш вакцината, ти даваат литература што содржи вакцината, 15 минути те држат во соба да видат да не имаш нус појави. Парацетамол препорачуваат за болки и тоа е се. Некои од моите колеги веќе се вакцинираа и со втората доза. Те прашуваат дали си алергичен на било што, прашуваат генерално. Ако имаш дијабетис на пример, мислам дека има други процедури, тоа не ми е познато. Бесплатна е вакцината. Околу 2 милиони вакцинирани се до сега, по околу 500.000 вакцинирани дневно има. Кризните групи се вакцинираат сега, здравствени работници и луѓе над 80-годишна возраст“, рече меѓу другото докторката.
На почетокот, кога во болницата каде што работи почнала вакцинацијата на здравствените работници, таа вели дека како и многу други нејзини пријатели и колеги, не била и самата сигурна дали да се вакцинира, со која вакцина, и евентуално кога ќе се вакцинира.
„Се шегував со колегите што се вакцинираа и им велев - ајде вие прво, па ако вие преживеете, тогаш и јас ќе се вакцинирам. Меѓутоа, ситуацијата овде е застрашувачка, кај мене овде за две недели 17 колеги веќе се позитивни на ковид и некои се дома, со полесни симптоми, но некои се веќе кај нас во болницата, така што решив дека ако веќе треба да се вакцинирам, тогаш е подобро тоа да го направам што поскоро“, рече д-р Видак.
Кога се вакцинирала немала никакви поразлични симптоми во споредба со оние кога ја примала вакцината за сезонскиот грип во октомври.
„Односно малка болка во рамото еден ден, па не морав да земам ниту некакви лекови против болка. Тоа беше само во текот на еден ден. Ист беше случајот и кај колегите кои се вакцинираа со мене и после мене. Кај нас досега не сме имале никакви несакани реакции, сега засега сме сите супер“, нагласи оваа лекарка.
Вакцината во Британија не е задолжителна, таа е на доброволна основа, и смета дека единствено услов може да се постави од авионските компании.
Значи, вакцината е наш личен избор. И, има многу колеги на работа, кои децидно не сакаат да ја примаат вакцината. Тоа е нивен избор, тие со години не ја примале ниту вакцината против сезонски грип, и со такви луѓе нема што да се разговара, можеби ќе го променат мислењето, можеби нема никогаш, но тоа е индивидуален избор“, објасни Видак за тв 24.
„На самиот почеток имав двоумење. Јас отсекогаш сум била за вакцина, 18 години овде се вакцинирам против сезонскиот грип. За ковидот беше прва вакцина за која размислував дали да се вакцинирам и дали веднаш да се вакцинирам, бидејќи, не сум во критичната група, па си размислував дека ако веќе помина една година без да ја фатам короната, ќе продолжам и натаму со природен имунитет. Меѓутоа, сепак се одлучив кога видов како е да се биде болен и на кислород, и не е само да се прележи, туку и поради последиците кои остануваат, беа причина што одлучив.
Единствено нешто што не ми било јасно, а не им е ни на самите експерти, е колку долго ќе ни трае имунитетот откако ќе се вакцинираме, дали можеби ќе треба да се вакцинираме и следната година, тоа е единствено нешто непознато. Инаку, јас ни во еден момент не се посомневав, бидејќи штом вакцината е одобрена, нема никакви несигурни работи, а да не зборувам за сите тие теории за чипувања или слично“, потенцира оваа наша лекарка која работи во Британија.
