Д-р Дејан Докиќ: Кај нас смртноста во болниците е 25 отсто, а во западноевропските земји од 22 до 30 проценти, што значи сме просек
Пилмологот д-р Дејан Докиќ вели дека во нашите болници има место за сите пациенти, и сите се лекуваат според најсовремените протоколи што се користат во САД и ЕУ.
Конкретно на интерните клиники има 15 слободни кревети, а ќе има попрецизна слика и по испишувањето на нови пациенти.
Тој нагласува дека за лекување на нашите пациенти се набавени сите лекови кои се потребни за лекување на пациентите, има и кислород, како и монитори, односно целата потребна опрема.
„Ова не е хаотично лекување, туку организирано лекување. Го има и потребниот број пулмолози“, рече Докиќ.
Според него, во земјава ја има просечната стапка на смртност како во развиените држави.
„Кај нас смртноста во болниците е околу 25 отсто, а во западно европските земји смртноста изнесува од 22 до 30 осто. Значи сме на просекот со западноевропските земји“, рече Докиќ.
Инаку, како што е познато, деновиве по социјалните мрежи се споделува текст, наводно напишан од д-р Дејан Докиќ, во кој се споредуваат препораки за заштита од Ковид-19, но и се алармира дека системот е пред колапс и нема место во болниците.Д-р Докиќ денеска демантираше дека текстот е негов, повикувајќи да се престане со неговото ширење. Тој пријавил и во полиција . Смета дека тука има елементи на кривично дело. Очекува институциите да ги казнат оние кои се повикуваат на неговото име, а шират паника.
„Категорично тврдам дека текстот не сум го напишал. Овој текст е напишан со моето име што се злоупотребува, а она што го содржи не е точно. Слушнавте и од министерот дека има место за пациенти, а во текстот се алармира дека нема. Ова дело го пријавив во полиција, сметам дека е кривично дело. Очекувам институциите да преземат мерки, сторителите да бидат казнети, за да се прати порака дека не смее да се злоупотребува име во ваква ситуација на пандемија“, нагласи овој лекар.
