Д-Р ДАНИЛОВСКИ: „Безбедноста во здравството не смее да зависи од околности, туку од систем“
Довербата во здравствениот систем најчесто станува видлива дури тогаш кога ќе биде нарушена. Токму затоа, прашањата што се појавуваат во секојдневната клиничка практика имаат длабоко значење – не само за медицината, туку и за чувството на сигурност кај пациентите.
Такво прашање, како што открива Драган Даниловски на фејсбук, му поставила негова колешка лекарка:
зошто маската не се користи секогаш кога постои ризик од респираторен пренос и зошто ракавиците не се менуваат доследно меѓу пациенти?
„Ова прашање ја допира самата срцевина на модерната медицина – безбедноста“, истакнува Даниловски, нагласувајќи дека постои едно тивко, но суштинско правило врз кое се темели современата клиничка пракса: секој пациент се третира како потенцијален извор на инфекција.
Според него, овој принцип не произлегува од претпазливост, туку од знаење стекнато преку децении истражувања и искуство во болничката епидемиологија.
„Интрахоспиталните инфекции најчесто се случуваат во сосема рутински ситуации“, посочува тој.
Мерките за превенција – користење ракавици при контакт со крв и телесни течности, нивно менување по секој пациент, носење маска при ризик од респираторен пренос – не се формалност, туку професионален јазик на модерната медицина.
„Безбедноста во здравството не смее да зависи од околности, туку од систем“, потенцира Даниловски. Тој објаснува дека доследната примена на правилата е директно поврзана со начинот на кој е организиран здравствениот систем – од снабдување со заштитна опрема, преку јасни протоколи, до континуирана едукација и функционален надзор.
Каде што системот е под долготраен кадровски, организациски или финансиски притисок, ризикот од отстапувања станува поголем.
„Преоптовареноста и недостигот на ресурси не се апстрактни поими – тие директно влијаат врз секојдневната клиничка работа“, предупредува тој.
Оттука, безбедноста престанува да биде исклучиво клиничка тема и станува прашање на управување и институционална одговорност. Во зрелите здравствени системи, стандардите имаат вредност затоа што се применуваат доследно, а отстапувањата се препознаваат и коригираат навреме.
„Безбедноста не е дополнителен слој на здравствената заштита – таа е нејзината најдлабока структура“, заклучува Даниловски.
Според него, токму чувството на заштитеност кај најранливите пациенти е најпрецизниот показател за зрелоста на еден здравствен систем.
