Д-р Чепреганов: Како функционер ја прифаќа казната, зависи од неговиот карактер
Беше премиер повеќе од 11 години. За него важи дека бил еден од најмоќните политичари во Македонија. Сега на суд докажува дали сторил дела за кои кривично го гонат. Поранешниот премиер Никола Груевски е во исчекување на одлуката на Апелациониот суд кој на кој се жалеше по одлукаа на првостепениот суд кој го осуди на две години затвор за случајот набавка на службен мерцедес кој Специјалното јавно обвинителство го нарече „тенк“.
Фактор го праша докторот психијатар Методи Чепреганов за тоа како може да реагираат политичари кои имале голема моќ кога ќе се најдат во ваква ситуација. Не го коментираше лично Груевски но вели дека без оглед дали станува збор за политичар кои извршувал високи функции во државата или не, развојот на реакциите не секогаш може да се претпостави. Тврди дека прифаќањето на казната од лицата кои се наоѓаат во таква ситуација многу зависи од нивниот карактер. Функционерите сепак, вели, полесно прифаќаат дека целосно се менува нивната положба за кусо време - од голема политичка моќ до статус кој обично им се препишува на маргинализирани девијантни групи.
- Психосоматски реакции како анксиозност, депресија, несоница кои може да ги изроди еден организам се моментите кои следуваат, но најважно од се е дека самата таа ситуација зборува за тоа каква е една личност и дали ја поседува „екологијата на духот“. Во секој случај, секоја личност на интелектуален и емотивен план има грижа на совест во тие моменти и ментални функции кои проработуваат во таа насока - толкува Чепреганов.
Професорот смета дека кривично,односно свесно криминално дело може да направи само личност која не е доволно зрела во својот развој.
- Една таква перипетија укажува на тоа дека личноста не е доволно матурирана. Само таков поединец влегува во криминал, но не и зрела личност. Еден човек колку е созреан зависи од тоа како го поминал процесот на воспитување, култура и знаење. Низ таков тек тој инкорпорира морал и етика во себе - вели Чепреганов.
Чепреганов е еден од најпознатите невропсихијатри на Балканот.
