Економија, финансии, бизнис

Контакт

Д-р Витомир Мицев: Македонија сеуште е во фаза на созревање

Д-р  Витомир Мицев: Македонија сеуште е во фаза на созревање

“Зрело општество со функционална демократија се создава преку созревање на друштвото. Ние мораме да ги решиме домашните проблеми, а  потоа да се приклучиме кон возот на демократијата. Во себе носиме генетско чувство на недоверба еден кон друг. Ние сме како мало дете кое почнува да оди, но сепак му е потребна рака да го придржи” – вака невропсихијатарот Витомир Мицев ја оценува општествено-политичката клима во земјава.

Во оној момент кога ќе веруваме еден во друг, тогаш вели д-р Мицев  ќе има можност за разговор и решавање. Работите не може да се случат преку ноќ, потребно е време на созревање и време за делување.

“Во овие турбулентни времиња се случија работи кои не смееа да се случат бидејќи немаше хармонизација во друштвото. Сеуште сме во фаза на созревање на друштвото.Носиме транскултурално наследство, кое го носиме одамна и е причина за се што се случува.Во оној момент кога ќе најдеме одбранбени механизми за да можеме да седнеме и да дискутираме за да ги решаваме конфликтите , тогаш ќе се намали тензијата, ќе се намали стравот од егзистенцијата, не само физичката, туку културната, општествената. Се додека нашето друштво не допре до ниво на созреаност, тешко дека ќе говориме за демократија во вистинска смисла на зборот”- потенцира невропсихијатарот Мицев. 

Во својот работен и животен век вели се сретнал со различни ситуации, но искуството и знаењето го научило дека патот кој води до индивидуалниот и колективниот успех не е ниту едноставен, ниту краток, ниту пак  лесен. За да се измине смета дека е  потребна посветеност кон целта и чувство за одговорност кон себе и кон другите.

 “Ако продолжиме онана како што беше одиме во понор. Можеби е излитена фраза “дајте љубов”  но мора да се направи нешто од нас самите. Со градење на доверба ќе се изградат други односи, ќе се изгради чувство  за заедништво, а  ние тоа го немаме. Недостасува  доверба, а  и  тоа не може да се случи  преку ноќ. Да се надеваме дека нешто ќе се смени. Долгогодишното присуство на оптествено политичката сцена  ја изгуби  смислата на инвентивност и креативност во нашето друштво. Сега има нови моменти кои носат нови предизвици”- додава д-р Мицев. 

Секторот здравство според него е пред нов предизвик во кој е потребно добро менаџирање и конкретни решенија. Довербата вели д-р Мицев  се стекнува тешко, но лесно се губи. Политичката криза последниве десетина години ја разниша довербата меѓу луѓето, политичарите, пациентите, лекарите. 

“Знаете, не ни требаат само апарати туку луѓе кои ќе знаат да работата со нив. Тврдам дека има многу апарати кои стојат во сандаци и кутии неупотребени,  а тоа не е на помош на никого. Има многу работи  кои ресорниот министер ќе треба да почне да ги средува. Прашање е и дали ни требаат толку факултети и какви кадри излегуваат од таму. Младите не бегаат од земјава само поради парите туку и поради можноста  за едукација и унапредување. За да фи сочуваме кадрите мора нешто да се промени. Но мора и да ги создаваме кадрите за да имаме квалитет. Имаме болници без специјалисти, одат од еден во друг град. Тоа не е здравство кое го заслужуваме, ниту очекуваме. Со добри луѓе, екипа,  очекувам министерот кој израснал во здравствената фела дека  ќе знае од каде да почне да ги прави првите чекори и да  го развива она што го очекуваме. Треба сепак време за првите резултати”-нагласува невропсихијатарот. 

Реформите како што вели треба да го направат она што досега не беше имплементирано. На граѓаните им советува да избегнуваат стресови кои вели се главниот фактор  за пореметувањето во друштвените кругови. 

“Прво треба да се има чувство за одговорост. Покрај искреноста потребна е чесност. Сведоци сме и слушаме многу работи кои се случија. Мора во себе секој  да носи хуманост. Грижа не само  за одредена група и сталеж туку за народот. Знаме дека не може се да се постигне но ако заедно се работи и ако е компактна група може да се очекува подобрување на состојбите.  Советувам помалку трауми и стресови.Стресот креира криминал, деструкција, креира убиства, декаденција. Мислам дека треба да се избегнува стресот, а за сметка на тоа   потребна е чесност, хуманост и љубов”- порачува невропсихијатарот Витомир Мицев. 

С.Б.

Слично

Поврзани вести