Економија, финансии, бизнис

Контакт

Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка од Антикорупциска

Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка од Антикорупциска

Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Оставката е доставена до претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Во дописот до Собранието, Ристовска наведува дека оставката ја поднесува согласно член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите.

„По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка“, стои во писмото.

Таа посочува дека во текот на целата професионална кариера, вклучително и во работењето во Комисијата, функцијата ја извршувала законито и совесно.

Ристовска жали доколку одредени околности, како што наведува, вклучително и можни административни пропусти, довеле до неосновани сомнежи во јавноста. Додава дека во сите ситуации кога постоела можност за потенцијален судир на интереси, барала изземање согласно закон.

„Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски“, наведува таа.

Во писмото истакнува дека секој носител на јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет и ѝ посакува на Комисијата успешна и професионална работа во служба на јавниот интерес.


Слично

Поврзани вести