ЦУК ПРЕЗЕМА ДЕЛ ОД ОБВРСКИТЕ НА АЦВ – Се воведуваат правила за воздухоплови без екипаж, еве што се сѐ уредува
Пред собраниските
пратеници доставен е Закон за воздухопловство со кој се уредуваат дејностите од
областа на воздухопловството кои се вршат на територијата и во воздушниот
простор на Македонија. Се прави прилагодување кон регулативите во
авиосообраќајот во Европа и светот, а ќе се префрлаат и дел од надлежностите од
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Центарот за управување со кризи.
- Со предложените решенија ќе се отстранат неусоглaсености на одредби од постојниот Закон за воздухопловство кои беа предмет на константни измени и дополнувања, и ќе се отворат нови правни основи за носење подзаконски акти со кои ќе се транспонираат ЕУ прописите од Мултилатералната спогодба за Европска заедничка воздухопловна област, како и стандардите и препорачани практики на ICAO – стои во описот.
Како што е наведено во законот кој е во Собрание се цели кон усогласување со стандардите и препорачаните практики од Анексите на Чикашката конвенција, како и со прифатените ЕУ регулативи.
Поради неусогласеноста на постојниот модел на потрага и спасување и надзорот над нив со стандардите на ICAO се предвидува префрлање на надлежноста и финансиските средства од Еуроконтрол за таа намена од АЦВ на ЦУК. Измените се прават и поради неусогласеноста на постојните одредби за давање на земски услуги на аеродром и пристапот на пазар на земски услуги со ЕУ регулативите и директивите.
- Регулирани се прашања поврзани со суверенитетот во воздушниот простор на Македонија, меѓународните стандарди и прописи на кои треба да се засноваат подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон. Во Заедничките одредби се наброени надлежните органи за регулирање и спроведување на работите од областа на цивилното воздухопловство, работите поврзани со потребите на државните воздухоплови и истражувањето на настани, и дадена е законска основа за одобрување на исклучоци од примена на прописите од надлежните органи – се појаснува во Законот.
Дефинирана е улогата на АЦВ како надлежна за регулирање, лиценцирање, сертификација и надзор во цивилното воздухопловство. Независно регулаторно тело со јавни овластувања согласно ЕУ Регулативата, статусот на нејзините вработени, нејзините надлежности и надлежностите на органите на управување како управниот одбор и директорот и нејзините извори за финансирање.
- Со одредбите за организација, надлежноста и функционирањето на Агенцијата за цивилно воздухопловство се затвораат забелешките од извештаите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство - ICAO од 2009 и 2016, забелешките од извештаите на ЕУ во однос на примената на Мултилатералната спогодба за Европска заедничка воздухопловна област, забелешки од ЕУ како дел од извештаите за напредокот на Македонија и забелешки од Државниот завод за ревизија – се појаснува во законот.
Во него има правни основи за дефинирање на Национална програма за безбедност, формирање на Национален комитет за безбедност, пропишување на основните безбедносни услови за вршење на дејностите во воздухопловството и за носење на Национална програма за безбедност на полетно-слетни патеки. Во одредбите од главата Обезбедување дадени се правните основи за Национална програма за обезбедување и други национални програми, програми на субјектите на воздухопловна индустрија, формирање на Националниот комитет за обезбедување во цивилното воздухопловство и аеродромски комитети за обезбедување, како и основи за подзаконски акт за условите за обезбедување во цивилното воздухопловство.
Исто така создадени се правни основи за пропишување условите за безбедно користење, давање на соодветни услуги и вршење на летачки операции со воздухоплови без екипаж, системи на воздухоплови без екипаж и на воздухопловни модели и за цивилните и за државните.
Во одредбите Услови за вршење воздушен сообраќај, се дадени правни основи за пропишување на правилата за летање со цивилни и државни воздухоплови, утврдување на забранетите, условно забранетите и опасните зони и условите за пресретнување на цивилни воздухоплови, пропишување на условите за лансирање ракети, скокање со падобрани, издавање на одобренија за летање и за забранување и ограничување на летањето во воздушниот простор на Македонија, утврдување на листата на авиопревозници кои се предмет на оперативна забрана, како и пропишување услови за доделување финансиска поддршка за развој на воздушниот сообраќај.
- Во одредбите за Истражување на воздухопловни несреќи, сериозни инциденти, инциденти и други настани, се даваат правни основи за регулирање на прашања поврзани со обврските на субјектите на воздухопловната индустрија за првично истражување, анализирање и класифицирање на настаните на загрозување на безбедноста на цивилното воздухопловство, целите на безбедносното истражување на несреќи, надлежностите и обврските на Комитетот за истражување и неговата организациона поставеност и финансирање, условите за именување истражители во комитетот и нивните права, ангажирање на надворешни соработници, соработката со министерството за внатрешни работи, надлежните судови, јавното обвинителство и другите субјекти вклучени во истражување – се наведува во законот.
Во одредбите за Потрага по воздухоплови и спасување се регулираат прашања поврзани со начинот, организацијата и субјектите на потрага и спасување на воздухоплов, надлежностите и обврските на Центарот за управување со кризи за координирање на активностите на учесниците во акциите на потрага и спасување, обврските и задачите на давателот на ATM/ANS услуги, единиците на вооружените сили, Министерството за внатрешни работи, службите и единиците на Дирекцијата за заштита и спасување, службите на правните лица кои се занимаваат со потрага и спасување и другите физички и правни лица вклучени во активностите на потрага и спасување во цивилното воздухопловство, како и начинот на покривање на трошоците на учесниците во потрага и спасување по воздухоплови кои претрпеле несреќа.
П.О.
