ЦРВЕНКОВСКИ ОСТАНУВА НА СТАВОТ ДА НЕ ДАВА ИЗЈАВИ - во јануари рече дека останува на ставот да не биде вклучен во политички активности
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања.
Оваа изјава денеска ја дадоа за Фактор од Кабинетот на екс шефот на државата, и поранешен долгогодишен лидер на СДСМ, откако во јавноста се засилија шпекулациите дека тој би можел да формира нова партија пред локалните избори, кои во земјава ќе се одржат во втората половина на октомври.
Премиерот и актуелен лидер на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека не верува дека Црвенковски би можел да формира нов политички субјект, но дека за ова, дефинитивно треба да се праша Црвенковски.
„Гледам овие денови темата е присутна во јавноста а никој не прашува дали е точно. Бранко Црвенсковски не може да биде ништо друго освен СДСМ. Тоа не е точно, но дефинитивно него треба да го прашате. Тој е еден од основачите и бил премиер и претседател на државата и е наш општественик. Шпекулациите се присутни поради новата листа во Охрид од наши докажани социјалдемократи. СДСМ покажа сериозно единство и за време на опозиција и за време на власта. Убавината кај нас е што сме многу различни низ своите сфаќања. Знае и раководството да се повлече пред членството, знае и членството да се повлече пред раководството“, рече Заев.
Истовремено, пак, министерката за одбрана и долгогодишен втор човек во сега владејачката партија, најави дека нема да се кандидира за нареден мандат за потпретседател на СДСМ.
Фактор оваа тема за можен политички камбек на Црвенковски ја отвори кон крајот на јануари годинава. Нашите извори уште тогаш говореа дека Црвенковски би се вратил на политичката сцена веќе на локалните избори, на кои би настапил со независни листи, кои би им биле вистинска конкуренција на листите за градоначалници и советници на неговите некогашни сопартијци од СДСМ.
На инсистирање на Фактор да одговори дали сите овие гласини се точни, тогаш од Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски го дадоа следниов одговор.
„Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не биде вклучен во било какви политички активности и да не ги изразува своите ставови во јавноста за актуелните збидувања во македонското општество“, се вели во одговорот кој го добивме од Кабинетот на Бранко Црвенковски.
Во денешната изјава, пак, која ја даваат од Кабинетот на Црвенковски, иако тврдат дека поранешниот претседател и сега како и претходно го има истиот став, нагласуваат само дека „поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања“, но не велат и дека тој нема да биде вклучен во никакви политички активности, како што тврдеа во јануари.
Иницијаторите ќе делуваат под “фирмата”: „Охрид пред се“, но, никој не кажува – кој стои “зад се”!?
Дел се по потекло од регионот Дебрца, сега општина Дебрца, така што, реално е да се очекува и во таа општина да истрчаат со своја советничка листа на претстојните локални избори.
Неодамна новинарот од Охрид, Веле Митаноски, на својот фејсбук профил напиша дека од тие охридски социјалдемократи, „дел се од потесниот круг, територијален и семеен, на Бранко Црвенкоски, што на поединци им “замириса!” дека, зад иницијаторите стои токму тој. Тоа не може да се тврди со сигурност, а дека бил информиран, тоа е повеќе од сигурно. Во секој случај, тоа се негови луге, поранешни локални и републички функционери - пратеници, советници, членови на Централниот комитет, првотимци и првотимки од Клубот на жените на СДСМ. Генерално, не се за “преплашување”, ама и не се за “отпишување”. Во нивните редови има адвокати, професори, бизнисмени…“, ги коментираше состојбите во СДСМ новинарот Митаноски.
Инаку, фактот дека не му се допаѓа начинот на кој неговиот некогашен партиски соработник го менаџира прашањето за односите со Бугарија, Бранко Црвенковски неодамна и го откри на целата македонска јавност, во допис кој им беше испратен на социјалдемократите, но пораката се однесуваше на сите граѓани на земјава. Тогаш почесниот петседател на СДСМ кажа дека го замрзнува своето членство во партијата, се додека водечките партиски луѓе, но и целата партија, не се оградат од интервјуто на Заев дадено за бугарската новинска агенција Бгнес. Но, судејќи по нивните постови на фејсбук во кои се определија за храброст и за европска иднина на државата, сега врвните социјалдемократи покажаа дека ја заземаат страната на Заев.
Одредени извори од СДСМ денеска за Фактор рекоа дека овие случувања во партијата „се далеку од нешто сериозно“.
Н.Н.Ф.
