Црвенковска: За случајот Лазар Нанев во Палермо ќе се бара мислење од Советот на етика
Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на денешната средба со новинарите потврди дека ќе бара мислење од Советот на етика и од координаторот на Основниот суд во Кавадарци за случајот „Палермо“ и одговорноста на судијата Лазар Нанев.
Таа рече дека нема надлежност за да го разреши Нанев затоа ќе бара за тоа да се произнесе Советот на етика, тело кое е надлежно да дава мислење во однос на прекршувањето на Етичкиот кодекс.
Судскиот совет веќе постапува по случаите „Палермо“ и „Порто“, за присуството на судијата Лазар Нанев на натпреварите на Македонија со Италија и Португалија.
„Тргнувајќи од основните заложби на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судството, а во рамките на своите законските овластувања, Советот го испитува случајот кој деновиве ја разбранува јавноста.“ рекоа вчера од Судскиот совет на Р.С. Македонија.
Вчера рекоа дека откако ќе ги проверат сите релевантни наводи за овој случај, ќе известат за сите понатамошни активности. Ќе го имале предвид и мислењето на Здружението на судии, каде постои Совет за етика.
Нанев, но и вишата обвинителка Фатиме Фетаи и министерот за правда, Никола Тупанчевски се на тапет кај антикорупционерите како тие патувале, се сместиле и ги добиле картите за бараж натпреварите на Македонија.
