Црвени линии за односот на Бугарија: Милошоски закажа седница на комисијата за надворешна политика
Пратеникот Антонио Милошоски кој е претседател на Комисијата за надворешна политика закажа за утре во 11 часот седница на ова собраниско тело. Тема на оваа седница е зазаемање национален став за бугарските позиции
„Македонија мора да изгради заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија! Достоинството и самобитноста на македонскиот народ е европска културна и јазична вредност и затоа ЕУ треба да отвори преговори за членство без прифаќање на дополнителни уцени и притисоци, напиша денеска на фејсбук.

Во неделата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека Милошоски ќе закаже ваква седница и рече дека мора да се разговара за македонските црвени линии Тврдеше дека сето ова што Бугарија го бара од земјава е ветено претходно од премиерот Зоран Заев. Според него, тоа му го потврдил еден врвен бугарски политичар на еден од состаноците на Европската народна партија. „Ми рече дека сето ова е ветено од страна на Заев и дека кога тој бил тогаш во опозиција ги убедувал дека најважно е тој да стане премиер, а за другото нема никаков проблем. Тогаш беа упатени многу критики до нас во ВМРО-ДПМНЕ дека ете не сме сакале да преговараме, но ние сме сè уште на истиот став дека таа тема не заслужува разговори и преговори. Бидејќи македонската нација и држава си имаат свои корени“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања од граѓани во живо на Фејсбук.
