Ципрас пред Нова Година објави кога Македонија ќе го започне протоколот за прием во НАТО
Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска одржа предновогодишен брифинг со новинарите на кој потврди дека Преспанскиот договор најверојатно нема да биде ратификуван во грчкиот парламент пред март, а по неколку дена откако тоа ќе се случи Македонија ќе го започне протоколот за прием во НАТО.
- Преспанскиот договор ќе се ратификува во грчкиот парламент навреме, според предвиденото, но не можам да потврдам дека тоа ќе се случи пред март. Неколку дена подоцна, поради технички причини, ќе започне протоколот за прием на земјата како членка на НАТО. Не треба да се крева никаква паника околу тоа - рече Ципрас.
Додаде дека неговиот коалиционен партнер од „Независни Грци“, Панос Каменос не е загрижен поради тоа и е подготвен за гласање. Ципрас потврди дека неговата влада ќе го заокружи мандатот без предвремени парламентарни избори, односно до октомври следната година.
