Ципрас го нападна Мицотакис дека не го користи името Северна Македонија
Екс грчкиот премиер Алексис Ципрас го критикува сегашниот премиер Кирјакос Мицотакис за доцнењето на ратификацијата на меморандумите со нашата земја.
Вели дека иако го почитува Договорот од Преспа, сепак на неодредено време ја одложува ратификацијата на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
„Паметиме кога пред две години Мицотакис рака под рака со мрачниот естаблишмент на градот, со радикалната десница, па дури и со неонацистите се бореа против договорот што даде праведно и одржливо решение на проблемот создаден од неговата партија”, порача Ципрас.
Прашува каде се скриле сите тие кои со омраза говореа тогаш против Договорот од Преспа.
„Но денес, самиот господин Мицотакис кој тогаш беше во првите редови на оваа борба, од една страна изјавува дека го почитува договорот, но од друга страна, покажувајќи политички кукавичлук и лицемерие, ги одложува на неодредено меморандумите за соработка со Северна Македонија, меморандуми кои го штитат националниот интерес, бидејќи обезбедуваат грчките воени авиони да бидат тие кои ќе го надгледуваат воздушниот простор на нашата соседна земја“, рече Ципрас.
Тој додаде дека Мицотакис во официјалните соопштенија за средбите со македонскиот премиер Зоран Заев не го користи името Северна Македонија.
Договорот од Преспа е потпишан на 17 јуни 2018 година во Нивици. Во повеќе наврати, македонски политичари укажаа дека кај јужниот сосед не се заменети таблите, односно не е испишано новото име на државата.