Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ципрас: Без надомест ќе го штитиме македонското небо, Заев: Договорот го посветивме на младите

Ципрас: Без надомест ќе го штитиме македонското небо, Заев: Договорот го посветивме на младите

Велат дека овој договор создал проблеми, но не е така. Тие проблеми се направени пред 30 години, а овој договор ги решава. Ние сме тука да најдеме решение, да гледаме напред, да градиме мостови. Грција ќе ја поддржи Северна Македонија да ги направи потребните реформи и да продолжи да се интегрира во Европската унија. Нашите пријатели денес не пречекаа со чувство на вистинско пријателство и денес овие две влади градат силни врски. Граѓаните ќе ја разберат штетата од минатото, кога ние не можевме да ги решиме нашите проблеми, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната заедничка прес-конференција со шефот на македонската влада Зоран Заев во Скопје.

Ципрас одговарајќи на новинарско прашање наведе дека спомениците кои ќе подлежат на ревидирање се дел од светското културно наследство. Во тој контекст, тој вели дека во иднина на тој начин ќе има и повеќе туристи од Грција во Македонија.

„Со денешните договори ќе имаме подобра координација во сите наредни фази за да помогнеме земјата да се интегрира во НАТО. Ќе помогнеме да се подобри и билатералната соработка со Србија, Бугарија и Романија. Да се најде во иницијативите на САД за претприемништво и енергетика, како и во иницијативата „Еден појас“ и „16+1“.  Ние сакаме да ги унапредиме претпиемачките активности, подобрувањето на комуникацијата помеѓу двата народи“, рече Ципрас.

Од аспект на армијата, грчкиот премиер рече дека ќе има подобрувањето на обуката, сајбер-одбраната и военото разузнавање, како и надзорот на македонското небо од страна на грчката авијација. Надзорот над македонското небо ќе овозможи стабилност во поглед на безбедноста на нашиот сосед, наведе Ципрас. Грција има врвни знаења во авијацијата, најверојатно најдобри во Источна Европа и ние ќе и гарантираме стабилност и безбедност. Министрите имаат нацрти и насоки за понатамошните чекори од овој аспект, смета грчкиот премиер. Тој рече дека Грција нема да наплаќа од Македонија надомест за надзорот од борбените авиони.

„ Договорено е подобрување на железничкиот транспорт од Солун и Пиреја преку Скопје до Белград. Тука е и гасоводот и нафтоводот, кој треба одново на биде активиран, како и електричната енергија и интерконективност.. Зборувавме за дигиталните политики со младите генерации. Договорено е пренос на искуство и знаење во здравствениот систем. Станува збор за стратегиска соработка на повеќе нивоа. 

Ципрас вели дека заедничките интрадисциплинарни комитети за промена на содржината во учебниците завршиле одлична работа до сега.

„Да го промениме наративот за национална омраза. Цврсто сум убеден дека успехот на овие две земји нема да биде придобивка само за двете земји, туку многу пошироко. Изгубивме три децении, но мора да брзаме нив да ги премостиме“, додаде тој.

Неговиот домаќин Зоран Заев рече дека ова е неповратен процес и дека опозициите кога ќе дојдат на власт во Македонија и Грција ќе знаат дека нема да одат против придобивките за своите граѓани. Рече дека Македонија нема борбена авијација и токму поради тоа се договара меморандум за Грција да го покрива овој простор.  Наведе дека тоа е природен договор, како што со Бугарија постои договор за тенковите и со Турција за обуките.

„Кога ќе ги видат фабриките, економските придобивки од трговијата, која е блиску до една милијарда помеѓу двете земји, кога ќе ги видат туристичките придобивки, ќе биде јасно дури и за оние последните кои гледаат со скептицизам. Двете страни целосно ќе го спроведат договорот, кој го посветивме на младите за да им носи добробит и бенефит. 

Од денешна перспектива гледате пропуштени прилики. Преспанскиот договор е во полна сила. Неговото исполнување значи и нормализација на односите и двете земји ќе можат целосно да го исполнат капацитетот на своите политички ие кономски потенцијали“, рече Заев.

Премиерот рече дека до средината на мај ќе се формира заедничката експертска група за комерцијалната употреба на името, и дека од огромно значење се договорите од областа на транспортот, енергетиката, дигитализацијата, здравството и друго.

„Воспоставивме и Совет за соработка на високо ниво со кој ќе заседаваат премиерите. Потпишавме и договор за нов граничен премин во близината на Кавадарци. Овој премин и оние другите ќе овозможат поголема трговска и прекугранична соработка.  Со Ципрас ќе го отвориме и бизнис-форумот попладне на кој ќе учествуваат 400 бизнисмени“, истакна Заев.


Слично

Поврзани вести