Чувале волк како домашно милениче во Скопје: Животното е заловено
Во една скопска населба синоќа бил заловен волк, кој, според информациите објавени од градоначалникот на Орце Ѓорѓиевски, незаконски бил чуван како домашно милениче.
Како што наведува Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи, животното било пронајдено со ремче и ланец, по што веднаш биле известени надлежните институции.
„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина“, напиша Ѓорѓиевски.
Според информациите, волкот моментално е згрижен од службите на Скопска зоолошка градина, додека институциите треба да го расчистат случајот и да преземат соодветни мерки.
Градоначалникот порача дека во Скопје мора да има ред и повика на поголема одговорност и хуман однос кон животните.
„Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување“, стои во неговата објава.
