Чулев со нови сознанија: 40 авиони биле над Македонија во моментот на инцидентот
Беким Незири и останатите напаѓачи во моментот кога упаднале во М-НАВ контролорите извршувале сложени работни задачи од кои зависат илјадници животи, тврди Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, изнесувајќи свои сознанија.
Според информациите на поранешниот технички министер за внатрешни работи, еден од нападнатите бил удрен од позади, по што истиот паднал врз апаратурата, со која се контролираат авионите, кои во моментот биле над македонското небо.
„Како што дознаваме, неофицијално, во моментот на насилниот упад, на македонското небо вршеле прелет околу 40 авиони, а 2 авиони, од кој еден бил на сериозна авио компанија, кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Во текот на денот имало и две слетувања на НАТО воздухоплови на аеродромот во Скопје. Да биде трагедијата уште поголема, во упадот учествувало и самото обезбедување, кое има задача да го штити објектот, но очигледно тоа не се случило, туку овие лица играле улога на поддршка на насилниците“, изнесе Чулев.
Скандалозно, според Чулев, е тоа што никаде не се наведува дека им е забрането на напаѓачите повторно да одат во институцијата.
„МВР, како и секогаш, во овие 7 години, во кои Оливер Спасовски е министер, е само нем набљудувач, се до моментот кога македонската јавност ќе направи огромен притисок, па дури потоа доцна се реагира, а како резултат на тоа 4 лица од групата, се уште се во бегство и не се достапни на органите на прогонот“, додаде тој.
