Чомовски: Копилињата во политичките и партиските ергелиња се многу поопасни
Копилиња во македонското новинарство има, тие се качени на бродот ‘Титаник’ и се препознаваат. Жал ми е што некои од нив ќе завршат само како даночни затајувачи“, изјави новинарот Александар Чомовски за Макфакс за последните случувања во медиумите и заканите врз претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани.
„Не е проблемот во ‘копилирањето’. Копилињата во политичките и партиските ергелиња се многу поопасни, поагресивни и демонски настроени врз слободата и демократијата. Овој протест е сосема легитимен за еден континуиран бунт на новинарите кои се обидуваат барем елементарно да стават некаква брана за полуписмени, полунезнајни, полубандитски партиски функционери со кои, најверојатно, партиските шефови треба да се справуваат, а ние да ги нотираме на начин на кој тоа го правиме“ - вели Чомовски за Макфакс.
Чомовски вели дека не треба никој да се заморува со тоа дали во цела Македонија ќе пишуваат навредувачки написи за него, дали ќе биде во топ-5 прислушувани новинари во Македонија и слично, туку треба да се надмине, како што вели, овој лош период на новинарството.
