Економија, финансии, бизнис

Контакт

Членови на ВМРО-ДПМНЕ заминуваат во адвокатура: По Тодоров сега и Коневски стана адвокат

Членови на ВМРО-ДПМНЕ заминуваат во адвокатура: По Тодоров сега и Коневски стана адвокат

Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, стана адвокат. Тој на стартот на оваа година отвори своја адвокатска канцеларија во центарот на Скопје.

Коневски, кој е дипломиран правник, досега никогаш не работел како адвокат. Имаше амбиција по трет пат да биде избран за градоначалник, но откако на последните локални избори изгуби од неговиот противкандидат од СДСМ, Златко Марин, Ивица Коневски за прв пат реши да заплови во својата струка.

39-годишниот Коневски дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а како член на ВМРО-ДПМНЕ во 2005 година е избран за член на Советот на Град Скопје.

Во 2006, на само 28 години, ја добива првата директорска функција во и застанува на чело на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (ЈПССДП).

Тој беше градоначалник на Општина Аеродром, во периодот од 2009 до 2017 година.

За време на неговиот мандат се изградија десетици згради и стотици станови и постојано беше обвинуван од своите политички противници од СДСМ дека наместо во заштитник на зеленилото во општината, тој бил во спрега со урбаната мафија.

Коневски ќе остане запаметен и како градоначалник кој Аеродром го претвори во црковна општина, во која на повеќе локации се изградени помали или поголеми световни објекти и огромен крст.


Тој последен пат беше забележан на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово кога беше избран новиот лидер, Христијан Мицкоски, а пристигна во друштво со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Ивица Коневски досега не е осомничен во ниту еден отворен случај на Специјалното јавно обвинителство, ниту пак неговото име беше дел од прислушуваните разговори кои ги објави СДСМ.

Коневски сега е адвокат, а од неговата партија има многу осомничени и обвинети, па може прв клиент да му биде и некој од неговите политички соборци.

Неодамна адвокати станаа и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, и екс директорот на Државната лотарија на Македонија, Владимир Бахчовановски. И тие двајца отворија адвокатски канцеларии.

Тодоров иако беше избран за пратеник на последните парламентарни избори во декември 2016 година, тој се повлече од пратеничкото место и реши да се посвети на својата примарна професија како адвокат.

Ј.М.

Слично

Поврзани вести