Економија, финансии, бизнис

Контакт

Член на избирачки одбор од Кисела Вода добил 9.800 наместо 14.000 денари, ангажираните бараат целосна исплата

Член на избирачки одбор од Кисела Вода добил 9.800 наместо 14.000 денари, ангажираните бараат целосна исплата

Повеќе месеци по завршувањето на локалните избори, дел од ангажираните во избирачките одбори сè уште немаат добиено целосна исплата за својот ангажман. Меѓу нив е и М.П., наставник во едно од основните училишта во Кисела Вода, кој по решение бил ангажиран како член на избирачки одбор на едно од избирачките места во истата општина за време на локалните избори во октомври 2025 година.

Тој вели дека четири месеци по завршувањето на изборите, на неговата сметка му биле уплатени 9.800 денари, иако според прописите за член на избирачки одбор на избирачко место со 301 до 600 гласачи следува надоместок од 14.000 денари.

„Со решение бев ангажиран како член на избирачки одбор на едно избирачко место во Општина Кисела Вода за време на локалните избори во октомври 2025 година. Четири месеци по завршувањето на изборите, на мојата сметка ми беа исплатени 9.800 денари, односно 70 проценти од надоместокот. Според прописите, за член на избирачки одбор на избирачко место со 301 до 600 гласачи следува надоместок од 14.000 денари. Затоа, останува нејасно по кој основ е исплатен понизок износ од оној што е предвиден“, вели М.П.

Според извадокот од прописите што се однесуваат на надоместоците за изборните органи, за избирачките одбори кои во своја надлежност имаат од 301 до 600 гласачи, на член на избирачки одбор му следува надоместок од 14.000 денари. Во конкретниот случај, според тврдењето на соговорникот, исплатени се 9.800 денари, односно 4.200 денари помалку од предвидениот износ.

Од Општина Кисела Вода за редакцијата велат дека во целост ја префрлиле сумата што била официјално побарана од страна на Општинската изборна комисија на нејзината наменска сметка.

„Ве информираме дека Општина Кисела Вода во целост ја има префрлено вкупната сума на средства која беше официјално побарана од страна на Општинската изборна комисија на нивната наменска сметка. Со оглед на тоа што Општината нема законска надлежност врз директната распределба и поединечната исплата на надоместоците кон членовите, за сите понатамошни детали околу динамиката и висината на исплатите, Ве упатуваме одговорите да ги побарате од Општинската изборна комисија или Државната изборна комисија“, велат од Општината.

Случајот од Кисела Вода се надоврзува на поширокото незадоволство меѓу дел од ангажираните во избирачките одбори. Во Општина Аеродром, дел од граѓаните веќе излегоа на протест, посочувајќи дека и по неколку месеци од изборите сè уште ги немаат добиено средствата што им следуваат. Дел од нив започнаа и петиција, а најавија и тужби доколку надоместоците не бидат исплатени во целост.

„Срамно е во 21 век да се собираме и да бараме нешто што професионално сме го извршиле. Секој член чека, а тие 12, 15 или 20 илјади денари значат многу за секое домаќинство“, изјави Томислав Вулворакис, еден од ангажираните во изборниот процес.

Од Општина Аеродром претходно соопштија дека Советот донел одлука за исплата на средствата за избирачките одбори и дека парите биле префрлени на сметка на Општинската изборна комисија, по што се очекува исплатата кон членовите да се реализира по техничката обработка на податоците и подготовката на налозите.

Реакции на граѓани има и од Општина Гази Баба, каде што според тврдењата на дел од ангажираните, им бил исплатен само половина од надоместокот. До Општината беше испратено прашање за појаснување на состојбата, но до објавувањето на текстот не пристигна одговор. Во меѓувреме, реакции за проблемот пристигнаа и од опозициските партии, кои го отворија прашањето за доцнењето и начинот на исплата на надоместоците. Според информациите со кои располагаме, проблемот не е изолиран само на овие општини, туку ги засега и други општини низ државата.

Став за случајот има и Државната изборна комисија. Оттаму велат дека ја следат состојбата со исплатата на надоместоците на членовите на изборните органи, иако директната исплата на средствата не е во нивна надлежност. По пристигнатите поплаки, ДИК ги известила општините и Министерството за финансии за потребата од побрза исплата.

„Дел од општините веќе се во фаза на надминување на проблемот и изнаоѓање соодветни решенија за исплата на средствата. Комисијата очекува сите општини во најкус можен рок да ја исполнат својата законска обврска и да ги исплатат надоместоците на членовите на изборните органи“, посочуваат од ДИК

Членовите на избирачките одбори имаат клучна улога во спроведувањето на изборниот процес. Тие го подготвуваат гласачкото место, ги идентификуваат гласачите, го следат текот на гласањето и по затворањето на избирачките места учествуваат во броењето на гласовите. Токму затоа, дел од ангажираните сега бараат јасен одговор кога и во целост ќе им бидат исплатени средствата за веќе завршената работа.

Локалните избори се одржаа во октомври 2025 година, а дел од лицата кои беа ангажирани во нивното спроведување и натаму чекаат целосна исплата на надоместоците.

- Филип Костов

Слично

Поврзани вести