Чижов: Во моментов најпроблематична е ситуацијата во Македонија
Европската Унија со години наназад игра важна улога во Западен Балкан, сметајќи дека земјите од регионот, кои, сè уште, не се влезени во ЕУ, неподготвени сакаат да го направат тоа, вели постојаниот претставник на Русија во ЕУ, Владимир Чижов, цитиран од ТАСС.
Чижов смета дека во моментов најпроблематична е ситуацијата во Македонија, каде има политичка криза, а ЕУ се обиде да се вмеша, обраќајќи му се директно на претседателот Ѓорѓе Иванов. Тој потсети дека и Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан, и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск беа во Македонија за да „се обидат да и го наметнат рецептот“, што од руска гледна точка наместо до стабилизација на Македонија може да доведе до продлабочување на кризата. Чижов притоа прецизира дека изјавата се однесува на барањето на Брисел, Иванов да го додели мандатот за состав на новата Влада на социјалдемократите и на партиите на етничките Албанци, потписнички на таканаречената „Тиранска платформа“.
За време на посетата на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, на Москва, на 24 април, ситуацијата во Западен Балкан ќе биде една од сериозните теми на разговорите меѓу Русија и Европската Унија.
