Родители на ученици од ООУ „Киро Глигоров“ во општина Центар алармираат за сериозен безбедносен инцидент, откако ученик од четврто одделение извадил нож од ранец за време на настава. Според објавата на Курир, наставничката реагирала навремено и бил спречен поголем инцидент.
Дел од родителите тврдат дека ова не е изолиран случај и дека истото дете и претходно покажувало агресивно однесување, вклучително и напади со ножици врз соученици. Тие бараат вонредни родителски средби и системско решение, наведувајќи дека проблемите траат со години.
Од училиштето за Курир изјавиле дека постапиле согласно законските прописи, дека случајот е пријавен до надлежните институции и дека е изготвен план за поддршка со психолог и специјален едукатор. По извршен увид, било констатирано дека училиштето постапило според правилниците.
Со случајот е запознаена и министерката за образование Весна Јаневска, која најави дека Државниот просветен инспекторат постапува и дека, доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени дополнителни мерки.
Родителите, пак, порачуваат дека безбедноста на децата мора да биде апсолутен приоритет и очекуваат брза и транспарентна реакција од надлежните институции.
