Четворица од петте члена на Комисијата за хартии од вредност си поднесоа оставки?
Четворица од петчлената Комисија за хартии од вредност се повлекуваат, неофицијално дознава Фактор.
Според нашите информации, претседателката Бујаре Абази останува единствениот член, додека не се официјализираат оставките и не се изберат нови членови.
Абази пак, за Фактор вели дека не знае дали членовите дале оставки.
„Не знам дали имаат дадено оставки. Не ги даваат на претседателот на Комисијата, туку пред Влада, така да јас немам писмо од никого дека поднеле оставки. Јас планирам за брзо да свикам и седница на Комисијата“, ни одговори Абази.
На нашето прашање дали единствениот внатрешен член, Васко Пејов оди на работа, таа одговори: „Внатрешниот член Васко Пејов моментално е на одмор.“
Од петчлената Комисија, претседателката и уште еден член се вработени, додека тројцата други се надворешни членови.
Четворицата членови кои си дадоа оставки, Васко Пејов како внатрешен член и Деан Стојановски, Кирил Јовановски и Зоран Колев како надворешни членови беа избрани на 14 јуни 2023 година, во време на претходната влада предводена од поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Претседателката на Комисијата Абази дојде на челната позиција во Комисијата на 20 мај годинава, откако го напушти крилото на Алијансата на Албанците предводено од Арбен Таравари и остана во Вреди. Таа претходно беше и заменик градоначалничка на Скопје, но се повлече од таа функција со тврдење дека градоначалничката Данела Арсовска е во коалиција со ДУИ.
Александар Тодески
