ЧЕТВОРИЦА ДОКТОРИ СЕ БОРЕЛЕ ЗА ЖИВОТОТ НА МЛАДАТА РОДИЛКА: Еве што велат од болницата во Штип
По трагичниот наста, во кој вчера беше изгубен живото на млада родилка, денеска преку соопштение се огласија и од Клиничка болница-Штип, кое беше најавено вчера и од директорот, Ален Ѓеорѓијев.
Во него се наведува дека пациентката е примена на Одделот за гинекологија и акушерство на 26.12.2023 година околу 10:20 часот, за породување.
- Десетина минути подоцна, пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна - се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
Во него се посочува и дека поради тоа, конзилиумот од двајца анестезиолози, двајца гинеколози и четири хирурзи одлучуваат пациентката да биде префрлена на КАРИЛ – Скопје за понатамошен третман.
- Во текот на вчерашниот ден, Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања, ја разгледа документацијата за случајот и утврди дека нема пропусти во третманот на пациентката. Бидејќи секако овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нашата работа, ќе почекаме да видиме, што е причината за ваквиот исход и дали од наша страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази - стои во соопштението на Клиничка болница-Штип.
Раководството на болницата изразува и најдлабоко сочувство до семејството на починатата пациентка.
По објавувањето на веста за смртта на родилката од Делчево, медиумите повикувајќи се на болнички извори објавија дека кога почнала интервенцијата лекарите забележале дека целиот стомак на жената е полн со крв, а изворот на крварењето била слезината.
Поради сериозноста на ситуацијата, се пренесува дека хирурзите од штипската болница почнале операција и и ја извадиле слезината. Но, бидејки состојбата не се подобрувала итно била однесена на КАРИЛ. Притоа се потенцира дека крварењето од слезината најчесто се јаува поради надворешен силен удар на телото.
