ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПОТОА, НЕМАТЕ НИТУ ЕДНА АФЕРА: Мицкоски на „политички саем“ ги пофали градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ
Имаше централна влада која немаше слух и имаше поинакви и други приоритети на чија листа не беа локалните приоритети на граѓаните. Со сопствени сили, без партнерски однос со владата, општините и градоначалниците ги решаваа проблемите. Минувавме сами, без помош каква треба да има од сопствената влада, при секоја непогода, пожар, поплави, блокирани сметки какви затекнаа по последните локални избори. Многу добро ги паметам часовите поминати во состаноци, наоѓање решенија, телефонирања од мојот кабинет за да помогнеме, да се премостат проблемите, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски на првиот ден од „политичкиот саем“, на кој отчет даваат градоначалниците од неговата партија.
„Четири години подоцна, можам да кажам дека одговоривте на дадената доверба. Го задржавте вашиот образ и образот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата пред граѓаните. Четири години потоа, највредната работа е што немате ниту една афера зад себе, ниту еден криминален случај и ниту една работа со која ќе донесете срам кон партијата, кон вашите семејства, но и најважно, кон граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека градоначалниците ги вратиле општините на вистинскиот пат.
„Најважно е што останавте луѓе врз кои можат да се потпрат граѓаните. Запомнете, и тие што ќе ја добиете довербата повторно, останете човекот врз кој можат граѓаните да се потпрат. Нивниот глас и нивната рака во општината. Борци за нивните права, за нивните решенија во општините. Мора да се имаме едни со други“, додаде Мицкоски.
Се пофали дека изминатите четири години, биле изградени и реконструирани улици, булевари и патишта во должина од над 770 километри, а во вкупна вредност од околу 100 милиони евра.
