ЧЕСТИТКИ ОД ИВАНОВ, ЏАФЕРИ, МИЦКОСКИ: Какви пораки упатија до народот?
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
Денес, како што посочува Иванов, 11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија.
„Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и со овие вредности нема правење компромиси. Затоа обединети и сплотени, да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата“- истакнува Иванов.
На овој голем празник, уште еднаш, порачува Иванов, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод денешниот празник 11 октомври на својот Фејсбук профил објави статус со честитка до граѓаните.
Наведува дека 11 Октомври е денот на востанието на Македонија, ден кога се празнува пркоста и решителноста на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија да се изборат за својата слобода.
„Нашата борба денес е Република Македонија, а нашиот предизвик е да ја сочуваме, заштитиме од неодговорните политичари кои одново ја донесоа земјава во нова криза.
Оваа криза не е само политичка, туку е и економска, општествена, криза на недостаток на морал, етика, недостаток на демократија. Државата пополека ја губи народот, затоа што имаме влада која не ја почитува неговата волја, која е јасна, недвосмислена и многу гласна. Не треба да се претвориме во место каде граѓаните ќе бидат заобиколени, каде нивното мислење погазено, место каде оние кои треба да носат правда, испорачуваат неправда, каде прогонот станува основното средство за дисциплинирање на оние кои мислат различно, каде делбите на пријатели и непријатели, на подобни и неподобни се основниот начин на функционирање, каде граѓаните осиромашуваат, а младите се иселуваат, затоа што не гледаат иднина, место каде поради желбата за спас на кариерите на неколкумина политичари, страда цела држава и мнозинството граѓани.
Македонија е многу повеќе од сето ова, Македонија и секој нејзин граѓанин кој заслужува многу повеќе од ова. Македонија земја со зачувано достоинство, со силна економија и држава на среќни граѓани, интегрирана во семејството на ЕУ и НАТО врз база на реално сработеното. Нашата иднина самите ја определуваме и од нас зависи.
Македонија е нашата одговорност кон нашите претци, и нашите деца и сите идни генерации, и заедно, само силни, обединети и со мудрост Македонија ќе победи и Македонија има иднина“- пишува Мицкоски.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во свое лично име и од име на пратениците упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, симболот на борбата за слобода.
„Ова е значаен ден во историјата на Република Македонија, симбол на решителноста и свесноста на народот кој што храбро и самоуверено застана во одбрана на слободата, а против најголемото зло во човечката историја, застана во одбрана на доброто наспроти злото, во одбрана на достоинството наспроти потклекнувањето. На овој ден, меѓутоа и секој друг ден, оддаваме почит на нивната пожртвуваност и борбеност, нивната истрајност и визија“- пишува Џафери во честитката.
Денес, како што истакнува претседателот на Собранието, живееме во слободна, независна, демократска, почитувана земја која смело гради добрососедски односи, е сериозен стратешки партнер за градење мир и го изодува својот пат кон исполнување на одамна утврдените стратешки определби, полноправното членство во ЕУ и НАТО.
