Черних: Самите поплави не можат директно да предизвикаат силни земјотреси
Самите поплави не можат директно да предизвикаат силни земјотреси, вели д-р Драгана Черних, сеизмолог, научен соработник во Сеизмолошката опсерваторија при Природно – математичкиот факултет во Скопје за земјотресот кој вчера го стресе Скопје.
Черних објаснува дека според досегашните научни истражувања не е најдена директна поврзаност помеѓу поплавите и зголемената сеизмичка активност во одреден временски период во однос на нормалната сеизмичка активност, за дадено подрачје изложено на поплави.
„Единствено што досега науката го потврдила е дека поплавите можат да ја забрзаат појавата на тектонски многу плитки земјотреси кои се во фаза на подготовка, и тоа исклучиво на земјотресии чии хипоцентри се наоѓаат на длабочина од неколку стотини метри. Ова се обично слаби земјотреси со мала магнитуда и луѓето нив и не ни ги чувствуваат. Исто и при нагло урушување на земјиште, пештери и слично предизвикано од поплавите се регистрираат слаби урвински земјотреси. Во разни истражувања во кои се истражуваат плитките слоеви под површината на Земјата правени се бушотини од по неколку километри и при тоа е најдено дека водата од поплавите продира само до 200 метри длабочина. Ако при тоа се знае дека хипоцентрите на земјотресите од територијата на Македонија и пограничните подрачја воглавно се наоѓаат во рамките на Земјината кора, што значи на длабочина до 30-тина килмометри, безпредметно е поврзувањето на поплавите и силните земјотреси“ - вели Черних.
Во скопското епицентрално подрачје секогаш имало и ќе има земјотреси, додава таа. Честотата на појавување на земјотресите зависи од повратниот период за одредена јачина на земјотресите. Притоа треба да се напомене дека постои одредена веројатност дека земјотресот може да се јави во било кое време од тој период.
„За силни земјотреси со магнитуда 6, повратниот период е 500 години, за магнитуда 5 е стотина години и за магнитуда 4 (како што беше последниот) е десетина години. Слаби земјотреси со Рихтерова магнитуда од 1 до 2 има постојано, но тие земјотреси се толку слаби што луѓето не ги чувствуваат, но не можат да останат незабележани за сеизмолошките инструменти кои ги поседува Сеизмолошката опсерваторија, бидејки дури и земјотреси со магнитуда блиску до нулата нашите инструменти ги забележуваат“ - објаснува Черних.

Потрес од 4,2 степени по Рихтер вчера во раните утрински часови ги исплаши скопјани.
Епицентарот беше во близина на скопско Марино и на неколку км од Арачиново.
Сања Атанасовска
