Јане Ченто: Судот се сокрил зад формалности наместо да ја утврди вистината
Јане Ченто преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на одлуката на Апелациониот суд, обвинувајќи дека институцијата не ја барала вистината, туку се сокрила зад формални причини.
Според него, наместо да утврди што навистина се случило, судот се повикал на тоа дека нема правосилна пресуда за „лажен исказ“ и дека не е поднесена кривична пријава против обвинител.
- -Судот не ја бараше вистината. Судот се сокри зад формалности – напиша Ченто.
Тој информира дека во меѓувреме е поднесена кривична пријава, но нагласува дека суштината, според него, е игнорирана.
- -Судот има обврска да ја утврди материјалната вистина и не може да ја условува оценката на доказите со постоење на друга кривична постапка – посочува Ченто.
Во својата објава тој потенцира дека материјалната вистина подразбира утврдување на тоа што навистина се случило, дали имало лажни искази, притисоци и дали доказите се веродостојни.
Ченто смета дека судот не смее да чека друга постапка за да донесе заклучоци.
- -Со ваков пристап не се штити правдата, туку формата. А кога формата станува поважна од вистината, правдата умира – наведува тој.
На крајот, Ченто порача дека нема да молчи и дека ќе продолжи со борбата, додавајќи дека нема да прифати „вистина“ која, како што вели, е создадена на хартија, а не во реалност.
