Чавков уверува: Полицијата утре ќе биде на професионално ниво-пратениците ќе бидат безбедни во Собранието!
Во пресрет на утрешното најавено влегување на пратениците во Собрание во рамки на координативната средба закажана од спикерот Трајко Вељаноски се најавуваат протести од греаѓанската иницијатива За заедничка Македонија кои веќе дваесетина дена протестираат против албанската платформа.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, за Дојче веле тврди дека „како и досега, така и утре полицијата ќе биде на потребното професионално ниво за обезбедување на јавната безбедност“.
„Во МВР функционира штаб кој непрекинато заседава и ги следи сите информации. Полицијата презема оперативни планови согласно тие информации и безбедносни проценки. Врз таа основа ги димензионираме персоналните капацитети и материјално-техничките средства“, вели Чавков.
На прашањето - дали полицијата гарантира дека пратениците нема да бидат оневозможени да влезат или да излезат од Собранието, со оглед на разни најави дека учесници во протестот ќе ги блокираат приодите во законодавниот дом, Чавков е дециден: „Сигурно е дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот!“
