Чавков со документ од катастарот во Халкидики
Адвокатот на Митко Чавков, поранешниот директор на БЈБ, поднесе потврда од катастар дека неговиот клиент не поседува никаков имот во Халкидики, односно викендица, и дека на тој начин ја побива тезата дека тој би можел да побегне таму доколку биде пуштен да се брани од слобода.
Сашко Дуковски документот го достави на јавна седница на Апелациониот суд со цел да го демантира едно од сомневањата како причина што на Чавков му беше определен притвор се до правосудната одлука за насилството во Собранието на 27 април за што првостепено доби 18 години затвор.
-Полицијата се користи со небулози. Семејството беше трудољубиво. Извадивме документ од катастарот на Халкидик, тоа е извод, јавна исправа, од која се гледа дали Чавков има или нема вила на Халкидик, гулабарник, трло…- рече Дуковски.
Адвокатот на крајот рече дека е песимист дека ќе биде прифатено барањето, но и дека предметот ќе заврши во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
