Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЧАО ТАРАВАРИ, КАКО ПОНАТАМУ: Има ли надеж да заздрави здравствениот систем?!

ЧАО ТАРАВАРИ, КАКО ПОНАТАМУ: Има ли надеж да заздрави здравствениот систем?!

Здравствениот систем во Македонија е исправен пред разрешување на многу предизвици, сврзани со подобрувањето на здравствената состојба на населението, обезбедување на основен пакет со здравствени услуги, пружање на квалитетни здравствени услуги, јавно здравство, планирање, менаџирање и развој на човечките ресурси, обезбедување на квалитет и финансирање на здравството, како и осигурување на издржлив здравствен систем. Честото менување на министрите секако не оди во прилог. Особено не кога најодговрниот, во случајов министерот Таравари е во заминување, откако реши да се кандидара за градоначалник на Гостивар. Тоа секако не оди во прилог на решавање на комплексните прашања во здравството. 

Како понатаму?

Не постојат доволно правила и стимулации за адекватно „чување на портите“ на системот и адекватно упатување кон повисоките инстанци на здравствената пирамида, како резултат на што голем број пациенти се лекуваат на несоодветни нивоа што вели се покажа како фатално со последните смртни случаи, како на новороденчињата, така и на другите возрасни групи на пациенти- вели доц.д-р Методија Трајаноски, специјалист по социјална медицина и јавно здравје.

“Постојат неколку причини за недостаток од интеграција и координација на здравствениот систем кој  е прекумерно фрагментиран и специјализиран. Избраниот лекар во повеќето случаи не обезбедува сеопфатна здравствена заштита и не се смета за клучен играч во системот”- вели Трајаноски.

Здравството во економски развиените држави  како што вели не е и не може да биде објект на постојани револуционерни промени. Системот на национално здравство кое што придобило европски или светски вид, смета дека  има потреба од промени кои се добро осмислени и базирани на докази, реално приложливи во конкретната постоечка економска, социјална и културна средина.

“Оттука можеме да ги извлечеме посуштинските фактори кои допринесуваат за неефективни резултати, како и тие кои допрва ќе допринесат:смената на целите на реформата, со средствата за нејзина реализација, при кое што клучниот збор пациент најчесто недостасува во инстутиционалните формулации и документи. Спроведување на структурна реформа по секоја цена, без оценка за ризикот и гаранции за крајните резултати. Користење на магични организациски модели без отчет на македонските услови и можности. Несоодветност помеѓу здравствените потреби, поставените цели и ограниченоста на ресурсите, кои се одделуваат за здравство”- потенцира Трајаноски. 

Да се искорени корупцијата во здравството

Од друга страна, вели во Република Македонија корупцијата во здравството бележи раст во последниве години. Ако надлежните сакаат да ја сведат на минимум корупцијата во здравството,според Трајановски,  ќе треба повеќе пати да ги зголемат платите на здравствените работници, посебно на специјалистите.

“Тоа се случува од проста причина што лекарите се практично маргинализирана група во општеството, што не ја одсликува реалната состојба за нивната образовна и научна стручност во општеството. Тешко е да се расчисти незаконското работење на здравствените установи и не е сигурно дека тоа ќе се постигне и со електронското закажување или мој термин, иако тоа допринесува за поголема транспатентност во самиот здравствен систем.. Во исто време и без одлагање треба да се воведе и дополнителното и доброволното здравствено осигурување, со што законски ќе им се овозможи да платат тие кои што не сакаат долго да чекаат за преглед или операција, како и тие кои сакаат да бидат сместени во апартмани или еднокреветни соби. Со тоа, свежите пари или финансиски приливи во здравствениот систем од дополнителното и доброволно здравствено осигурување, ќе го поправат и системот за плата по изведба или популарно наречено учинок, и нема да се создаваат нереални показатели за извршените дејности, воедно ќе се подобри и тимската работа во колективите”-  додава специјалистот по јавно здравје. 

СТОП за мешањето на политиката во здравството

Креирањето на  здравствените политики вели треба да им се остават на стручните лица и практичарите кои ќе носат добри законски решенија во корист на граѓаните. 

“И како последно, но напротив не и помалку важно, еднаш за секогаш ќе треба стручни лица да ги водат ресорите за кои се претходно образовани и имаат стекнато искуство во истите. Доста веќе земјоделци водат политики во банкарскиот сектор, историчари водат здравствени политики, стоматолози креираат политики во рударството или енергетскиот сектор и т.н.Здравството изискува компетентни лица во вистинската смисла на зборот, затоа што сведоци сме како веднаш исчезнуваат човечки животи, кои за жал не може да ги вратиме. Погрешните здравствени политики имаат долгосежни последици по целата нација и нашето поколение! Затоа, СТОП за мешањето на политиката во здравството, СТОП за непотизмот во здравството и СТОП за партиските портпароли кои ја доведуваат до заблуда целата македонска јавност со разно-разни спинови, невистини, полувистини и лаги”- нагласува Трајаноски. 

Тој порачува дека е време вистинските луѓе да имаат можност да помогнат во креирањето на здравствените политики, решавањето на проблемите во здравството, со што на македонскот граѓанин ќе почне да му се враќа вербата во здравствениот  систем со што ќе се чувствува безбеден и сигурен во рацете на македонските здравствени работници.

С.Б.

Слично

Поврзани вести