Чадиковски: ЗНМ не е против поддршка, но е против директни пари од буџетот за медиумите
Младен Чадиковски, новиот претседател на Здружението на новинари на Македонија е резервиран кон најавениот фонд за медиуми од страна на владата за подобрување на финансиската состојба во медиумите и дека тој ќе ја подобри нивната состојба.
- Да, ние сме запознаени со тоа дека има обиди да се формира некаков фонд за медиуми. Ние принципиелно сме против јавни пари во медиумите. Тоа сум го истакнал и пред да станам претседател на ЗНМ и сега сум на истото мислење дека јавните пари, државните пари во медиумите досега не создадоа ништо добро во медиумскиот простор, впрочем ете што се случи во последните десетина година со тие пари во медиумите паднавме на најниско ниво во регионот, бидејќи тие пари и мерки во голем дел беа користени како обид за корупција на медиумите, така што ние сметаме дека македонското општество се уште не е зрело за формирање на модел кој што ќе дозволува јавни пари во медиуми, особено кога станува збор за електронските медиуми, вели Чадиковски на едно од прашањата во денешното интервју за Радио Сободна Европа.
Додаде дека има форма со која може да се помогнат одредени медиуми, но само оние кои имаат потешкотии со нивното опстојување.
- Од друга страна пак сметаме дека постојат локални и регионални медиуми кои треба да имаат извесна поддршка во функционирањето. И мислиме дека тоа може да се заврши преку таканаречени непарични вложувања, што би значело извесни даночни ослободувања, извесни ослободувања од давачки кои овие медиуми ги плаќаат кон државата и кон разни агенции и други државни институции. Тие се обременети со сето тоа, сето тоа се пари, но кога тоа на една хоризонтална основа во локалните и регионалните медиуми би било ослободено, тоа би значело многу за нивното финансиско работење и за вработување на нови луѓе. Тука би можело да бидат предвид и субвенции за вработувања во тие локални медиуми, но не заподелба на пари нетранспарентно и без каква било основа во медиумите, вели Чадиковски.
