ЦЕНТРАЛНО МЕСТО ИМААТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ - ПОРАЧА ШОЛЦ, Ковачевски се обрати на германски јазик
- Имаме голема почит за македонскиот јазик, историја и идентитет. Сега централно место го имаат уставните измени. Знам дека тоа не е лесен чекор, но потребен за да се продолжат пристапните преговири за членство во ЕУ. Оттука сакам да ја охрабрам Македонија во своите заложби.
Со овие зборови германскиот канцелар Олаф Шолц ја започна заедничакта пресконференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија и кого го дочека со највисоки државни почести.
- Ме радува што сум во посета на Германија, и ја користам приликата да се заблагодарам за гостопримството - кажа Ковачевски на германски јазик.
Тој напомена дека на последната средба во Македонија, Германија ја истакнаа поддршката за членството во ЕУ. Дополни дека Германија е клучен политички и економски партнер на Македонија, но и дека е прв трговски партнер на земајва.
- Дури 200 компании од Германија работат во Македонија и во нив работат над 20 илјади Македонци - посочи Ковачевски и упати порака за охрабрување до германските бизниси да продолжат со експанзија во нашата земја.
Главниот фокус на разговорите ќе бидат билатералните односи и соработка меѓу Северна Македонија и Сојузна Република Германија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Дополнително, теми на разговор ќе бидат и германската поддршка на македонскиот евроинтеграциски пат, реформскиот процес насочен кон исполнување на стандардите на ЕУ и други актуелни прашања од регионален и европски безбедносен аспект.
Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски, се и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во рамки на официјалната посета, премиерот Ковачевски ќе учествува на експертска дискусија во организација на фондацијата Фридрих Еберт (Friedrich Ebert Stiftung) и ќе има средба со претставници на здруженија на македонски иселеници во Берлин, а ќе има и работна средба и со главниот извршен директор на Дојче Телеком, Тимотеус Хотгес.
Фото: МИА