Централен довод на кислород во модуларната болница до крајот на неделава
Министерот за здравство Венко Филипче по посетата на болницата во Козле изјави дека станува збор за установа со огромна експертиза на лекари и медицински сестри во третманот со болни од белодробни заболувања. Дополнет е кадарот со експерти, специјалисти по интерна медицина, пред се од клиничкиот центар во рамките на системот на ротација.
-Во следниот период предвидени се и други капацитети. Засега нема зголемување на притисокот кон јавно-здравствените установи во однос на тоа што беше тренд минатата недела. Модуларната болница кај инфективната клиника е целосно испразнета. Во овој момент таму се поставува централен довод на кислород, капацитетот на клиниката не е целосно пополнет, има неколку слободни кревети, но со секојдневна координација и разговор се прави прераспределба по потреба согласно капацитетите и согласно кадарот којшто ротира во сите установи каде се третираат овие пациенти во болниците ширум државата освен во Битола каде што има неколку 4-5 слободни места, во другите инфективни одделенија капацитетите се практично полу празни, потенцираше министерот Филипче.
Истовремено, директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р. Милена Стевановиќ, за Фактор потврди дека активностите во Модуларната (монтажна) болница се во полн ек.
-Интензивно се работи на доводот на централен кислород во ова болничка установа и верувам дека за 3-4 дена ќе биде целосно завршена, изјави директорката Стевановиќ.
А.Б.