Центар го презема државното земјиште на своја територија
Во трет обид, со 22 гласа „За“ советниците во општина Центар едногласно ја усвоија Предлог-Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Македонија на подрачјето на Општина Центар-Скопје за 2014 година.
Програмата и овозможува на општината да го побара во владение неизграденото градежно државно земјиште на нејзина територија. Овојпат одлуката ја поддржаа и советниците од ВМРО ДПМНЕ, кои претходно два пати гласаа против.
Пред да се донесе одлуката, градоначалникот Жерновски и советниците од оваа партија отворија жестока дебата. „Од авион се виде намерата зошто не гласавте “За“. Тоа не беше заради некоја ситна грешка“, им порача градоначалникот на Центар на советниците од ВМРО ДПМНЕ, алудирајќи на пропаднатиот обид за продажба на атрактивна парцела во Центар по багателна цена од 71 денар за метар квадратен.
Возврати советничката од ВМРО – ДПМНЕ Даниела Рангелова, според која причината зошто советниците од оваа партија претходно не ја поддржале програмата била во тоа што стручните служби на општината не ја подготвиле добро.
До сега со државното земјиште во Центар стопанисува Владата, па затоа Министерството за транспорт и врски беше тоа што ја понуди на јавно наддавање парцелата кај Народната банка. Тендерот пропадна кога се откри дека дел од парцелата била во приватна сопственост, вратена со денационализација, а заради пропустот беше покрената дисциплинска постапка и кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за катастар за недвижности.
Слично
