Економија, финансии, бизнис

Контакт

Цените на лебот може да скокнат, земјоделците на маки со пченицата

Цените на лебот може да скокнат, земјоделците на маки со пченицата

Поради лошите приноси на пченица годинава постои голема можност да поскапе и лебот за македонските граѓани бидејќи мелничарите ќе мора да одговорат соодветно на состојбите. Неизвесно е колкави количини лебно жито ќе треба да се увезат од странство, но и по која цена ќе се набават.

„Намалениот род ќе се одрази на цената на брашното и на другите производи од брашно“, изјави Николче Ѓоргиев, сопственик на мелница за ТВ 24.

Според Ѓоргиев, годишните потреби од пченица на Македонија се околу 300 илјади тони. Но, откупувачите се сомневаат дека годинешниот род едвај достигнува 100 илјади тони, што би значело дека остатокот треба да се увезе.

Загубите од годинешниот слаб род се бројат и на терен. Земјоделците велат на еден декар ожнеале помалку од 100 килограми пченица што е за пет пати помалку од лани, но и дека цената која им ја понудиле откупувачите е многу пониска од онаа што тие ја бараат 12 денари за предаден килограм.

„Минатата зима имаше многу мраз и немавме субвенции и не можевме да финансираме во производството“, изјави Боби Трпковски, земјодлец од скопско Булачани.

Министерството за земјоделство е во постојана комуникација со земјоделците и мелничарите за што побрзо решавање на проблемот. Освен што ќе се работи на решавање на проблемот со откупот за што веќе се разгледуваат варијантите интервентен откуп и дополнителни субвенции, државата ќе бара и решение за обештетување на земјоделците чиј род е 100 процентно уништен. 

„По сите анализи кои ги гледаме, со помалку засадени 6000 хектари пченица имаме помал принос“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство шумарство и водостопанство.

Извор: ТВ 24


Слично

Поврзани вести