Економија, финансии, бизнис

Контакт

Целосна мобилизација на МВР во борбата со пожарите

Целосна мобилизација на МВР во борбата со пожарите

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е отворена оперативна акција „Пожар 2024“ за целосна мобилизација во спречување и справување со пожарите кои ја зафатија земјата.

„На состанокот е донесен заклучок за целосно мобилизирање на сите расположливи човечки и технички ресурси на МВР под оперативна акција „Пожар 2024“. Со оваа оперативна акција сите материјално-технички средства со кои располага МВР, ќе бидат ставени во функција на справување со пожарите. Секторите за внатрешни работи како регионални единици на МВР ќе бидат постојано на терен со зголемено присуство и тесно ќе соработуваат со останатите сектори како Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици, Одделот за гранични работи и миграција, Крим полицијата и други оддели при Бирото за јавна безбедност“, информира МВР.

Присуството на полицијата на терен ќе биде зголемено. 

„Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите.

Апелираме до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа. Исто така, ако граѓаните забележат било какво сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112.

Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми“, предупреди министерството.


Слично

Поврзани вести