ЦАРОВСКА СЕ ПОЈАВИ НА СЕДНИЦА НА СОВЕТ ВО БИТОЛА: Ниту ќе се населуваат бегалци, ниту ќе се градат станови
Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија ниту ќе се градат станови за нив, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која во Битола се појави на седница на Советот.
Царовска вели дека ВМРО-ДПМНЕ шири ксенофобија и лажни вести.
Таа рече дека советниците треба да бидат одговорни и одговорно да ја користат говорницата во Општината.
„Нека кажат од ВМРО-ДПМНЕ со кој документ Владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови“ – рече Царовска.
Вели дека тоа се случувало во времето кога ВМРО-ДПМНЕ била на власт и одземала парцела и надлежност во општина Сарај.
Царовска објаснува дека стратегијата не се однесува на мигранти, напротив, резолуцијата што ја донесе Собранието на Република Македонија за мигранти ја изгласа мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија е држава што ратификувала конвенции за заштита на човековите права. Многу е важно да се потенцира дека референдумот е демократско право и ние веруваме во изјаснувањето на граѓаните за важни прашања на референдум, но ова прашање е лажно“ – истакна министерката.
На дневен ред на советот на општина Битола имаше точка за почнување постапка за организирање референдум. Ја поставија мнозинството советници на битолскиот Совет предводени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „За подобра Македонија“, со која се предвидува референдумско изјаснување на граѓаните „за“ или „против“ населување и интеграција мигранти на подрачјето на општина Битола.
